Вечерва во 19 часот, во големата сала “Јане Сандански“ во Скопје, македонската футсал репрезентација го игра веројатно својот најважен натпревар во својата историја. Ривал е Србија, една од најдобрите селекции во светот, но ривал кој може да се победи, ако се знае како момците на селекторот Васко Скендеровски одиграа пред неколку дена во Врање кога беше 1:1, каде што освоивме голем бод.

Овој меч, барем според зборовите на Скендеровски е пресуден во однос на тоа дали ние ќе се пласираме на ЕУРО 2022 кое ќе се игра во Холандија. Математиката во групата 4 е јасна. БиХ е убедливо прва и таа ќе оди на ЕП, додека Романија, Македонија и Србија имаат по 2 бода. Во случај на триумф над Србија вечерва, а потоа и над немотивираната БиХ, исто во Скопје, Македонија ќе стави печат на историскиот пласман на ЕУРО. Без разлика што ќе се случи на последниот меч, на гостувањето во Романија.

Тоа е нашата математика, но за такво нешто мора вечерва да се победи супер силната селекција на Србија.

А дека ќе биде тешко, но не невозможно, тоа сите го знаат во нашиот табор. Селекторот Скендеровски, вчера за СПОРТМЕДИА, најави нова тактика вечерва, најави битка, најави борба до последниот атом од силата на нашите момци. Добро е што Ранготов се врати, штета што го немаме нашиот “Бразилец“ Даниел. Но овие момци кои вечерва ќе истрчаат на паркетот во големата сала “Јане Сандански“ имаат во себе волја и квалитет да ја израдуваат нашата спортска јавност.

Да им посакаме многу среќа на нашите момци и да им посакаме се разбира позитивен резултат.

На крај да кажеме дека и со реми шансите се уште за пласман на ЕУРО ќе бидат тука, но секако дека тие значително ќе бидат намалени.

ДВОЈКИ ЗА 4. КОЛО

ДЕНЕСКА:

МАКЕДОНИЈА – СРБИЈА (19 Ч)

СРЕДА:

БИХ – РОМАНИЈА (18 Ч)

ТАБЕЛА

1.БИХ 9

2.РОМАНИЈА 2

3.МАКЕДОНИЈА 2

4.СРБИЈА 2