Ретки се чудата, но сепак нели, тие се случуваат, а посебно кога на терен е оваа генерација на играчи, наши херои, репрезентативци. Ретко кој веруваше дека некогаш ќе играме на некое големо натпреварување. За нас тоа беше рамно на чудо. И тоа чудо овие момци, ВИЕ МОМЦИ, го остваривте.

Вечерва играте со гигантот Германија.После Бразил најтрофејната светска репрезентација. Германија е врвот, против „елфот“, против “панцерите“ можете само да добиете. Ваше е да искочите на теренот на Арената во Дуисбург и да го одиграте најдобриот меч во својата репрезентативна кариера. И да се прославите.

Ретки се чудата. Да, чудо ќе биде ако вечерва Македонија извади реми или пак уште повеќе, ако победи. Но ајде на неколку часа до почетокот на натпреварот да веруваме во тие фудбалски чуда. Во таа фудбалска магија.

Момци…Македонија верува во вас, Македонија верува во чуда.

Ајде, момци МАКЕДОНЦИ. Израдувајте ја својата држава, својата нација, уште еднаш.

Вие сте знаеле да одиграте и да остварите одличен резултат, историски, со една Италија на гости. Претходните генерации знаеја да одиграат со една Англија, Холандија, се се тоа европски фудбалска велесили.

Германија да се респектира, но не смее да се преценува. Морате да си се почитувате себе си. Па вие во јуни ќе бидете дел од ЕУРО, вие сте сега дел од европската фудбалска елита. И со право.

Момци вие сте на потег. Само со мудрост, памет, жешко срце, но и студена глава.

За Македонија…момци.