Во ПМФЛ остануваат уште осум кола за играње, значи во “игра“ се вкупно уште 24 бодови за секој тим. Кога станува збор за титулата тука Шкендија има 10 бодови предност пред вториот Шкупи и треба да се случи чудо тетовци на крајот да останат со празни раце.

Ова за нив ќе биде четврти шампионски пехар и со тоа ќе се израмнат со Работнички кој и натаму е втор на вечната листа на прваци, веднаш зад Вардар кој е рекордер во нашата фудбалска историја со единаесет пехари во самостојна Македонија.

Кога сме кај Шкедија, ако биде шампион секако, тогаш за првпат оваа екипа ќе стане првак без Ќатип Османи на клупата. Досега само Ќато знаеше како на Шкендија да и го донесе пехарот. Беше тренер на тетовци во 2011, 2017 и 2018 кога Шкендија доминираше во мак – фудбалот.

Сега стратег на Шкендија е Ернест Ѓока, кој има шанса да се впише во клупската историја како тренер кој покрај Ќато, го донел пехарот во клупските витрини.

Рековме, остануваат уште 8 кола до крајот, но како играат конкурентите на Шкендија оваа пролет, тетовци може уште сега да се радуваат на својата четврта титула.

Да кажеме дека покрај Османи и Ѓока, Шкендија ја воделе и тренерски имиња како Томас Брдариќ, Бруно Акраповиќ, Јетон Беќири, Рој Ференчина, Шпетим Дуро, Ардријан Кознику, Ѓоре Јовановски, Артим Шаќири, Неџат Шабани, Зоран Смилески, Зоран Стратев, Едмонд Миха, Неџат Хусеин и др., но никој од нив не успеал на Шкендија да и ја донесе титулата.

Освен Ќато во три наврати, и најверојатно сега Ѓока.