Спортот во Македонија и натаму важи за машко доминантна област, процентот на жени во управувачките структури е изразен во мал процент. Припадничките на понежниот пол речиси и ретко учествуваат во носењето на важните одлуки во спортот.

Оваа пракса во следниот период треба да добие нова димензија. Силвија Митевска, советничката за спорт на премиерот, е цврсто решена да се бори за родова еднаквост во спортот. Таа за СПОРТМЕДИА вели дека нема да остане само на зборови, во иднина мора да дојде до еднаква застапенот на жените во управувачките органи.

*За првпат на позицијата советник за спорт имаме дама….

„Токму така, и сметам дека тоа само ја зацврстува силната заложба и визија на Владата за постигнување на родово-еднаков спорт. Долго време, жените вклучени во спортскиот сектор беа маргинализирани и невидливи и мора да преземеме храбри чекори и да ја промениме ситуацијата“.

*Кои мерки ќе ги превземете за постигнување на вистинско ниво на родова еднаквост во спортот?

„Ние ја препознаваме значајноста на родовата еднаквост како интегрален дел од концептот на добро владеење и како клучен фактор за позитивен општествен напредок. Спортот се уште важи за машко доминантна област и родовиот јаз во спортскиот сектор е најизразен, односно застапеноста на жени во управувачки органи е 8,9 % наспроти застапеноста на мажи која е 91.1%. Ова укажува дека жените речиси не учествуваат во процесите на донесување на одлуки и креирање на политики во доменот на спортот. Од друга страна пак знаеме дека девојките и жените вклучени во спортот имаат специфични потреби и истите мора да бидат адресирани преку политиките кои ги креираме.

Затоа, еден од приоритетите на Владата е поголема родова застапеност на позиции во управувачки органи во спортскиот сектор, кој до 2021 година предвидува минимум од 30 % вклученост на жени а до крај на 2024 година треба да достигнеме еднаквост со застапеност на 50 % на жени во управувачки органи.

За да ја достигнеме оваа цел, мерката квоти ќе биде застапена и во новиот Закон за спорт и националните федерации и спортските субјекти ќе бидат обврзани да се придржуваат кон мерките за родова еднаквост како услов за јавно финансирање. Истовремено, ќе ги градиме и зајакнуваме капацитетите на жените во спортскиот сектор и ќе реализираме едукација и подигнување на родовата сензитивност во националните спортски федерации и другите спортски субјекти.

Ја активиравме и Работната комисија за родова еднаквост во спортот при Олимпискиот Комитет која ќе соработува со граѓанскиот сектор при застапување за унапредување на родовата еднаквост и правата на жените во спортскиот сектор. Во наредниот период ќе реализираме серија на обуки, работилници и медиумски кампањи за поголема свесност по ова прашање.

Нашиот план е амбициозен, но со добра координација и посветеност веруваме дека е реален и остварлив. Ние кај нас сакаме да го видиме она што веќе е практика во европските земји. Тоа подразбира интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и работење на спортските субјекти, донесување на родово-сензитивни закони и подзаконски акти, вклученост на жените во сите процеси на донесување на одлуки и примена на родово-одговорно буџетирање.

*Што ќе биде приоритет за следниот период?

„Оваа Влада проактивно се залага за креирање на политики кои се транспарентни и отчетни. Со цел да се унапреди функционалноста и релевантноста на спортските национални федерации и спортски здруженија и клубови, и да се стимулираат понатамошни иницијативи за развој и унапредување на спортот, треба да се развијат транспарентни и отчетни политики во самите спортски  субјекти. Анализите кои ја истражуваат транспарентноста на спортските субјекти укажуваат на недостаток од ваков вид на политики и недоволна заложба за ова прашање. Имено, во иднина бараната државна финансиска поддршка ќе подразбира одговорност на спортските организации, зголемена отчетност и транпарентност, јасна комуникација на нивните резултати во јавноста, практикување на внатрешна демократија и вредности на добро владеење. Овие мерки ќе бидат дел од спортската легислатива и идните политики кои заеднички ќе ги креираме со сите актери од спортскиот сектор.

Понатаму, ќе креираме проактивна политика која цели да го унапреди јавното здравје. Ова е особено важно во период кога граѓаните особено младите поради пандемијата од Ковид-19 поретко практикуваат физичка активност и се принудени да водат седентарен начин на живот. По пример на останатите земји кои обрнуваат посебно внимание на предизвикот со физичката неактивност на населението и постојано иницираат национални програми за да ги поттикнат граѓаните да бидат физички активни, во следниот период, еден од приоритетите е развој на национална програма со цел поттикнување на населението на рекреација и физичка активност.

Секако, родовата перспектива ќе биде вклучена во креирањето на сите идни политики, програми, активности и буџети“.