Македонската репрезентација, по пласманот на ЕУРО, а посебно откако ја згазивме Германија во Дуисбург, и натаму е централна спортска тема не само кај нас, туку и во Европа. Секојдневно се вадат статистики, бројки, се кажуваат случки, се прават интервјуа со нашите херои, а посебно со капитенот, со Горан Пандев. Човекот деновиве не може да одмори од бројните интервјуа.

Јасно е дека ЕЛ Гранде е нашата фудбалска икона, нашиот најдобар фудбалер во историјата. Тој е нашата фудбалска гордост, тој е фудбалерот кој што го постигна голот во Тбилиси за пласман на ЕУРО, тој ги водеше момците во Дуисбург и го постигна првиот гол против “панцерите“.

Кога сме кај бројките во репрезентацијата, Пандев досега одигра 117 меча, постигна 37 голови, дури на 64 натпревари беше капитен.

Бројки кои го прават струмичанецот бесмртен.

Но, има едно но. Имено Горан Пандев, некои ќе се запрашаат дали е можно, само во еден сегмент не е нај, нај… во репрезентацијата во нејзината историја. Од него подобар и тоа за нијанса, е Ѓорѓи Христов.

И тоа во односот на одиграни мечеви со постигнати голови. Пандев има 0.32 коефициент, додека Ѓорѓи Христов, кој во репрезентацијата играше од 1995 до 2005, има 0.33. Следуваат Саша Ќириќ, Александар Трајковски…но еве погледнете ја табелата.

Јасно е дека Пандев има шанси во блиска иднина да го собори и овој резултат на Христов, и во овој сегмент да биде нај, нај…

ТАБЕЛА

1.ЃОРЃИ ХРИСТОВ (48 настапи – 16 голови) 0.33

2.ГОРАН ПАНДЕВ (117 настапи – 37 голови) 0.32

3.САША ЌИРИЌ (26 настапи – 8 голови) 0.31

4.АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ (63 настапи – 18 голови) 0.29

5.ГОРАН МАЗНОВ (45 настапи – 10 голови) 0.22

6.ИЛИЈА НЕСТОРОВСКИ (46 настапи – 10 голови) 0.22

7.АРТИМ ШАЌИРИ (72 настапи – 15 голови) 0.21

8.ИЛЧО НАУМОСКИ (46 настапи – 9 голови) 0.20

9.АГИМ ИБРАИМИ (40 настапи – 7 голови) 0.18

10.ЕЗЏЈАН АЛИОСКИ (42 настапи – 7 голови) 0.17

*Во предвид се земени само оние наши репрезентативци, сегашни и некогашни, кои успеале да постигнат повеќе од 7-8 голови.