„Комита“ не се станува. „Комита“ се раѓаш. Или си навивач на Вардар или не си. На мака се познаваат тие. Вистинските навивачи на Вардар, како и што на мака се познаваат јунаците.

Епа денес на тренингот на Вардар во редот на оние јунаци во „црвено – црн“ дрес се појави уште еден. Осумгодишниот Алек, кој на јавноста и е познат по херојскиот потег кога за својот осми роденден на своите родители им посакал билети за спас на Вардар, а не торта или некаков обичен детски подарок. И ги добил, му се исполнила роденденската желба, а денеска му се исполни уште една.

Да ги запознае фудбалерите на Вардар, неговите хероји. Доби топка потпишана од сите, и фотографија за спомен. Ќе ја чува, исто како што сегашните фудбалери на Вардар го чуваат клубот. Од најлошото. Од испаѓање, од згаснување, од укинување…. од се.

„Комити“ велат, кога гледаме нешто вакво, кога го гледаме Алек, тоа ни дава надеж, сила, верба во она што во моментов го правиме, она што е наша задача, наша цел. Спас на клубот. И ќе успееме во тоа. Во името на сите оние минати, сегашни и идни навивачи, во името на сите нас, во името на Вардар.