Филип Адамс, 33-годишниот поранешен НФЛ играч изврши самоубиство откако претходно убил пет лица во Америка, вклучувајќи и познат лекар, неговата сопруга и нивни внуци, пренесоа американските медиуми.

Полицијата се уште го нема утврдено мотивот на масовното убиство кое се случило во Јужна Каролина, а откако убиецот бил идентификуван тој се самоубил во семејната куќа. Докторот Роберт Лесли (70) и неговата сопруга Барбара (69) настрадаа на лице место заедно со своите малолетни внуци Адах Лесли (9) и Ноа Лесли (5) како и еден работник на нивниот имот Џејмс Луис (38). Друг вработен на имотот Роберт Шок (38) е ранет и е префрлен во болница.

Адамс потоа си пукал во глава, а според новинската агенција „АП“, токму докторот Лесли го лечел Адамс претходно. Таткото на Адамс истакна дека НФЛ (американскиот фудбал) е виновен за проблемите на неговиот син.

Адамс играл за шест тимови во НФЛ: Сан Франциско, Њу Ингланд, Сиетл, Оукленд и Њујорк џетс и ја завршил кариерата во Атланта Фалконс. Вкупно одиграл 78 натпревари