Добра вест за стратегот на Шкендија, Ернест Ѓока, во пресрет на денешниот дуел со Ренова. Имено по пауза од два меча тој ќе може да смета на првиот голман, еден од најдобрите во ПМФЛ, Костадин Захов кој две недели беше во аут поради вирус. Во тој период на голот стоеше Ферат Рамани, кој добро си ја заврши својата работа. Исто така Јан Кривак конечно заздрави од повредата и ќе биде во комбинација за првите единаесет. Јасно е дека со него дефанзивата ќе биде уште подобра.

Инаку Шкендија во пресрет на денешното 26.коло во однос на вториот Шкупи има 10 бода предност. Секако дека тетовци сакаат таа предност да ја сочуваат, но знаат дека во градското дерби и Ренова ќе биде супер мотивирана, ако се знае дека “гипсарите“ бијат битка за опстанокот и дека бодовите им се неопходни.

Кога сме кај традицијата кога играат овие две екипи, Шкендија во досегашните 48 натпревари, има 25 победи, 13 средби завршиле без победник а Ренова има само 10 триумфи. Гол разликата е 48:98 за денешниот “гостин“, за Шкендија.