Одбојкарите на Џио Струмица и по осмипат се шампиони на Македонија. Во вториот финален меч од плеј-офот, струмичани обезбедија нова победа над екипата на Универзитет во Тетово, овој пат со 3:1 (25:21, 25:18, 20:25, 25:15) и со тоа ја потврдија шампионската титула.

Џио Струмица експресно си ја заврши работата во ова финале, откако стартуваше со предност од 1-0 во партии во финалната серија, па минатата недела на првиот меч во Тетово извојува тешка победа од 3:2, со што остана денеска во својата сала да ја искористи првата „меч-топка“ и да го потврди шампионскиот наслов.

Тетовци одиграа солиден меч, особено во првиот сет кога до самиот крај се обидуваа да останат во игра. Џио Струмица на крајот со 25:21 дојде до предност од 1:0, по што следуваше малку поубедлив втор сет за домашните кој на крајот го добија со 25:18.

Во третиот сет гледавме неизвесна одбојка до средината на сетот, по што се случи несватлив пад во играта на домашните. Универзитет во Тетово тоа го искористи и успеа набрзина да направи сериозна предност (14:19), која најави освојување на сетот и продолжување на неизвесноста. Струмичани успеаја да ја стабилизираат играта и да се вратат до 19:22. Сепак, Универзитет во Тетово успеа да се врати во ритам и да дојде до 20:25 и да се избори за четврти сет.

Во финалниот сет на мечот, струмичани одиграа многу подобро. Успеаја да ја исконтролираат играта уште од самиот старт и кон средината на сетот веќе имаа незадржлива предност, 17:12. Предноста успешно беше задржана и со конечни 25:15  Џио Струмица дојде до 3:1 и до нова прослава на шампионската титула.

За Џио Струмица ова е осмата државна титула, седма од 2012-та, па досега. Тие се први шампиони на независна Македонија, а во минатите девет сезони сметајќи ја и ланската којшто што не заврши поради пандемијата, имаат шест првенствени трофеи. За Универзитет во Тетово ова беше прво лигашко финале.