Пишува: Зоран Ѓоршоски

Она што се претпоставуваше уште во јануари – февруари, еве дојде во мај. Вардар нема шанси да се спаси, и за првпат во историјата на ПМФЛ во самостојна Македонија нашиот најтрфеен клуб, нашиот најголем фудбалски бренд, во следната сезона ќе игра во втората лига. Секако дека математиките уште се во игра, дека теоријата уште е тука, но реално на сите ни е јасно, па и на вардарци и на нивната армија фанови, дека се е готово.

По вчерашниот пораз од Работнички како сите во Вардар да се предадоа, како сите да се помирија со фактот дека ете во следната сезона ќе мора да играат во друштво во кое никако не припаѓаат.

По којзнае кој пат ќе напоменеме, може да го сакаш Вардар, може и да не го сакаш, да навиваш за друг клуб. но МОРА да го почитуваш Вардар. И тоа поради брендот, името кое „тежи“ 12 титули шампион, и онаа во екс – СФРЈ, поради тоа што овој клуб даде за Македонија, за фудбалот, за нацијата македонска, секако и за државата.

Може да го сакаш и да не го сакаш Вардар, но едно мора да знаеш. Следната сезона во ПМФЛ, таа 2021/2022 овој клуб и тоа како ќе недостига, ќе ни недостига на сите кои сме вака или онака “врзани“ за мак – фудбалот.

Ќе ги нема сите оние важни дуели и дербија. Па така во следната сезона за жал нема да го имаме “Соседското дерби“ против Работнички, нема да има ни “Мега – дерби“ со Шкендија, нема да има ни “скопско дерби“ со Шкупи, а за жал нема да го има и “Дербито на Македонија“ со Пелистер.

Може сега некои “душмани“ на Вардар се радуваат и се ситат за тоа што го снајде клубот, но веруваме дека длабоко во себе осеќаат една нелагодност. Знаат добро што значи Вардар и за нив како ривал. Па токму Вардар им ги полнеше стадионите. Прашајте ги Шкендија, Пелистер, Шкупи, секако и Брегалница… на сите тие гостувања на Вардар имаше фудбалска атмосфера на ниво. Нека кажат колку нив ќе им недостига Вардар.

Вардар како клуб мора наредната сезона да се стабилизира, да застане на нозе, да покаже дека е голем клуб, како Јуве на пример во Италија, и да се врати што посилен и помоќен од бико кога.

Фудбалска Македонија и ПМФЛ заслужуваат силен, моќен, ГОЛЕМ Вардар, а не ваков Вардар.

ПРОДОЛЖУВА БИТКАТА ЗА ЕВРОПА

Струга ТЛ вчера сензационално славеше на гости кај заспаниот шампион, кој по осумте победи во серија одигра навистина под своето ниво, тоа го призна и тренерот Ернест Ѓока. Стружани тоа го искористија и победија. Со тоа освоија големи три бода со што и натаму ја продолжуваат битката за Европа, сега “лавовите“ имаат само бод предност. Се чини ќе решава следниот меч во Ѓорче меѓу Македонија ЃП и Шкендија, во исто време играат Струга ТЛ и Вардар. Значи ако “лавовите“ сакаат во Европа тогаш ќе мораа и тие да ја победат Шкендија.

Фудбалерите на Пелистер уште еднаш покажаа како се игра за себе, за клубот, за фановите, за градот Битола да и во следната сезона овој град биде прволигашки град. Ја победија А. Пандев и ја турнаа во проблеми, сега “пандевци“ веројатно ќе мораат низа баражот да ја спасуваат сезоната. Борец уште е жив, а Силекс вчера можеше да стави точка, но ете нема три од три за кратовци, и сега ќе мора да стравуваат до крај.

Ако веќе Беласица и Вардар се испаднати, ова за Вардар со задршка, тогаш за тие две места кои водат во баражот кандидати се Ренова, А.Пандев, Силекс и Борец. А “пандевци“ и кратовци ги чека и финалето на Купот на 19 мај.