По завршувањето на сезоната Шалке ќе се соочи со играчки егзодус поради падот во Втората лига. Дел од првотимците ќе си одат затоа што не сакаат да играат во Втора лига, а дел ќе бидат продадени поради финансиски проблеми. Но истовремено клубот од Гелзенкирхен работи и на реновирање на тимот. Веќе е обезбедено првото засилување и тоа во нападот.

Ангажиран е „мајсторот“ за второлигашки голови – Симон Тероде. Велиме мајстор затоа што овој, сега веќе 33 годишен напаѓач има неверојатен голгетерски ефект во втората по квалитет Бундес лига. Во досегшниот дел од Цвајте во дресот на Хамбургер реализира 21 гол на 30 меча и го дели првото место на листата на стрелци со Дурсун од Дармштат.

Претходно играше за Келн во Втората лига со ефект од 29 гола на 33 натпревари, за Штутгарт  исто така во Втората лига реализира 25 гола на 32 меча. За Бохум постигна 41 гол во две сезони во Цвајте. Три пати по ред ја освојуваше наградата за најдобар стрелец во втората Бундес лига, во 2015/16, 2016/17 и 2018/19.

Tероде досега има 138 голови во Цвајте и е на третата листа на вечни стрелци зад Карл Хајнц Модрат со 150 и Дитер Шнацшнајдер со 154 гола.