Во саботата по триумфот над Охрид, и тоа со 2:0, екипата на Скопје го “завери“ првото место во ВМФЛ – ЗАПАД, па така по пауза од три години се враќа во нашата елитна лига. На две кола до крајот “пиратите“ имаат дури 11 бодови предност пред Охрид, па треба ли нешто да се каже дека тимот од Автокоманда апсолутно заслужено во следната сезона ќе игра во елитата.

За СПОРТМЕДИА, свој коментар има искусниот напаѓач Христијан Кировски, првиот “бомбардер“ во западната второлигашка конкуренција.

“Па, сметам дека бевме најдобри оваа сезона во западот, одигравме најдобро, имавме најквалитетен тим. Кога покрај себе го имаш еден од Љупчо Марковски – Калц, еден од нашите најдобри тренери, агилна управа која просто живее за клубот, тогаш се е полесно. И сега се гледа дека не погрешив што во јануари од Гостивар се вратив во мојот омилен клуб. Да кажам дека ВМФЛ – ЗАПАД е многу тешка лига за играње, има незгодни гостувања, но ние ги пребродивме сите искушенија и затоа сме тука каде што сме“ вели Кировски.

За тоа што може да се очекува од “пиратите“ во следната сезона во ПМФЛ, Кировски има свои размислувања…

“Видете, нови ветришта дуваат во клубот во последно време. Сметам дека можеме да засилиме со 3-4 квалитетни имиња и така да го надоградиме овој квалитетен состав што го имаме. Целта е јасна, а таа е да не играме епизодна улога, да бидеме некаде во средината од табелата, па и некое место погоре. Но за тоа потоа. Најважно е што Скопје го вративме таму каде што припаѓа“ заклучи “бомбардерот“ Кировски.