Фудбалски Штип веќе два дена е во еуфорија. Брегалница и официјално е прволигаш, следната сезона по четири години пауза одново “сините“ ќе играат во елитната лига на Македонија. Апсолутно заслужено, чисто како солза Брегалница се избори за овој успех.

Секако дека еден од најзаслужните за ова е стратегот Марјан Секуловски, кој во ноември ја презеде екипата и еве сега ја однесе во Првата лига.

“Заслужни се сите во клубот, од прв до последен. Секако дека играчите беа тие кои беа во преден план. Некој ќе рече дека имавме лесна задача, но јас не се сложувам со тоа. Притисокот врз нас беше огромен, за нас беше само Прва лига и ништо повеќе, ништо помалку. Секако дека сум радосен и среќен, но се уште не е крајот. Ни остануваат уште два меча до крајот и наша цел сега е сезоната да ја завршиме без пораз, нешто што многу ретко се случувало во мак – фудбалот во било која лига. Ќе играме максимално на мечевите со Кит Го и Тиквеш, сакаме со стил да го завршиме првенството. За тоа што и како во Првата лига може да ме прашате дури после 15 мај, кога и официјално ќе ставиме крај на оваа сезона во Втората лига – исток“ вели за СПОРТМЕДИА стратегот на “сините“ Марјан Секуловски.