До крајот на сезоната во мак – фудбалот, поточно во ПМФЛ и во двете втори лиги, остануваат да се играат уште две кола. Повеќе работи се јасни, Шкендија е првак, Беласица и веројатно Вардар испаѓаат, а ако сега заврши сезоната, односно ако и во последните две кола нема промена на актуелната табела во ПМФЛ, тогаш во баражите за пласман или опстанок во елитата би играле Ренова и А. Пандев.

Со оглед на тоа дека на истокот Тиквеш и официјално е втор, се знае дека Брегалница веќе го завери пласманот во ПМФЛ, тогаш кавадарчани ќе ја гледаат својата шанса преку натпревар со Академија Пандев.

На западот пак Скопје веќе е прволигаш, засега втор е Охрид и овој тим би играл бараж со Ренова.

Според новите правила на ФФМ, во бараж мечевите играат тимот од ПМФЛ кој гравитира кон истокот со второпласираниот тим од ВМФЛ – ИСТОК, и тимот од ПМФЛ кој гравитира кон западот со тимот од ВМФЛ – ЗАПАД. Тоа значи дека Ренова ќе игра со Охрид, а А. Пандев со Тиквеш.

Во случај пак деветиот и десетиот тим од ПМФЛ, тие што ќе играат баражи да гравитираат само од една зона, исток или запад, на пример Ренова и Силекс (кратовци се од запад иако звучи малку чудно), тогаш ќе има ждрепка, по која се знае која од овие две екипи ќе го игра тој судбински меч против Охрид и Тиквеш.

Ова е само објаснување за тоа како ќе биде по официјалното завршување на сезоната. Од оние екипи во ПМФЛ кои би можеле да ги играат баражите, математички е и Вардар, па Ренова, А. Пандев, Силекс и Борец. Пелистер и дефинитивно со победата над А. Пандев во минатото коло во следната сезона ќе игра во ПМФЛ.