Она што се најавуваше неколку денови наназад, од денеска е и официјално. Имено УЕФА на својата официјална интернет страница објави дека секоја репрезентација, значи и нашата, на претстојното ЕУРО 2020 ќе може да пријави 26 фудбалери. Досега на големите натпреварувања селекторот можеше да смета на 23 играчи, но сега поради настаната Ковид-19 ситуација, таа бројка се зголемува на 26.

Сепак треба да се знае дека и натаму, како што информираат од УЕФА, секоја репрезентација на секој натпревар може да смета само на 11 играчи и 12 замени, значи на 23 фудбалери. Тие тројцата ќе бидат резерви, кои ќе бидат во репрезентацијата на ЕУРО, но не и на официјалниот записник. Во случај некој да се повереди, да биде болен и слично, селекторот може да го замени со еден од тие тројца, или пак да замени тројца во текот на првенството. Значи може да се случи тие тројца дополнителни фудбалери воопшто да не се најдат во записникот на ниту еден меч. Оној играч што ќе биде избришан или заменет, не може веќе да се врати на официјалниот список.

Познато е дека селекторот на нашата репрезентација ќе мора официјалниот список со играчи на кои ќе смета на ЕУРО да го пријави најдоцна до 1 јуни.

Да се потсетиме дека ЕП почнува на 11 јуни, а Македонија својот прв историски натпревар на едно големо натпреварување ќе го има два дена подоцна и тоа против Австрија во Букурешт.