Во реванш полуфиналето на Лигата на шампионите, Манчестер Сити го совлада ПСЖ со 2:0 и со вкупни 4: 1 избори место во првото финале од Лигата на шампионите во историјата на клубот, кое ќе се игра во Истанбул на 29 мај.

На самиот почеток на мечот, ПСЖ исто како и минатата недела имаше два обида за гол. И Нејмар и Ди Марија беа блокирани.

Во 7-та минута, главниотс удија Бјорн Кујперс проверуваше спорна ситуација за пенал, но ништо од пенал за ПСЖ. Една топка го погоди Зинченко во рамото, па Кујперс пресуди дека се е чисто.

Во 11-тата минута Сити дојде до водство. Брза акција, која ја отвори голманот Едерсон со одлично додавање, топката се одби до Ријад Марез по ударот на Де Брујн, и Алжирецот не погреши. Пет минути подоцна одлична шанса за ПСЖ. Одлична акција по левата страна, Ди Марија центрираше, а Маркињос ја погоди гредата по ударот со глава. Сепак, најубавата шанса во првиот дел ПСЖ ја имаше во 19-тата минута. Ди Марија ја украде топката од Бернардо Силва, Едерсон беше далеку од голот, а Аргентинецот ја испрати топката од околу 20 метри близу до левата статива.

На стартот на вториот дел, место притисок од гостите, Манчестер Сити нападна. ПСЖ имаше неколку обиди да дојде во ситуација за гол, но убиствената контра на домашните повторно беше пресудна.

Во 63-тата минута, фантастична контра, брза и прецизна. Де Бруин и Фоден ја поведоа акцијата, Ријад Марез доби топка сам на втора статива и вторпат го матираше Навас за 2:0.

На 20 минути до крајот, Ди Марија ги загуби нервите, го згазна Фернандињо и доби директен црвен картон. Нервозата подоцна доведе и до серија жолти картони на двете страни.

Во завршницата Фоден имаше одлична шанса, шутираше, но топката ја „почеша“ стативата.