ЕКС-СЕЛЕКТОРОТ НА ОДБОЈКАРИТЕ СО АНАЛИЗА

Ристоски: Македонија е голем фаворит во двомечот и не очекувам изненадување

„Македонија е голем фаворит во дуелите со Швајцарија. Тие се млада репрезентација која се обидува да влезе во ритам на европската одбојка. Македонија има континуитет и во последните години многу се докажуваше", потенцира екс-селекторот на Македонија, Жарко Ристоски за единствениот спортски весник кај нас „СПОРТ“.

објавено: 22 август 2018 - 14:30

Вториот натпревар пред својата публика во оваа фаза од квалификациите за Европското првенство 2019, машката одбојкарска репрезентација го игра вечерва, 20:30 часот во СРЦ „Кале" против Швајцарија. Противникот, кој се смета за аутсајдер во групата Ф, но кој викендов против Унгарија покажа дека не смее да биде потценет. Според селекторот Никола Матијашевиќ овој дуел како и реваншот в сабота на гостински терен против Швајцарците ќе бидат главниот тест на зрелост, кој треба да покаже дали Македонија вреди и заслужува да се најде на претстојното ЕП.

За да добиеме подобра слика за ривалот го контактиравме екс-селекторот Жарко Ристоски, кој ги предводеше одбојкарите од 2014 до 2017 во најголемите успеси од Европската лига, а по заминувањето од селекторската функција една сезона работеше и во Швајцарија. Тој го познава квалитетот и на едните и на другите и за него не беше никаков проблем детално да анализира и да потврди дека Македонија е голем фаворит.

„Дефинитивно, Македонија е голем фаворит во дуелите со Швајцарија. Тие се млада репрезентација која се обидува да влезе во ритам на европската одбојка. Македонија има континуитет и во последните години многу се докажуваше", дециден е Ристоски и продолжува:
„Главен проблем за Швајцарија е откажувањето на нивниот најдобар играч, коректорот Стигмаер, кој беше двигател на нивната игра. Неговото отсуство ја става Македонија во голема предност, бидејќи на таа позиција сме перфектно покриени со капитенот Ѓоргиев.
Имаме далеку поискусна и поквалитетна примачка линија Милев – Милков – Љафтов, за разлика од нивната сочинета од играчи со скромен стаж во швајцарското првенство.

Во организација на играта Деспотовски и Ѓоргиев се неспоредливо поквалитетни од конкуренцијата. Нивниот прв техничат Гигер Рето првпат сезонава ќе игра надвор, односно во Полска. На позицијата либеро сме изедначени. Алгеловски е добра алтернатива за нас, додека во швајцарскиот тим либерото Јулиан Фишер е една од најдобрите алки. Единствено, можеби како мала предност на Швајцарија ги гледам средните блокери, Нафелс и Амрсвил, кои се искусни играчи.

Сепак, ќе повторам дека Македонија е голем фаворит во двомечот и не очекувам изненадување, барем не по она што го прикажа во првите две дуели со Унгарија и Украина", заврши Жарко Ристоски.

Селекторот Матијашевиќ се одлучи и на овој меч да настапи со проверени сили, односно нема да има промени во составот.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2019
3. КОЛО (22.08.2019)
МАКЕДОНИЈА – Швајцарија 20:30ч.
Украина – Унгарија 19:00ч.
ТАБЕЛА
1. Украина 2 2 0 6:2 5
2. Унгарија 2 1 1 5:5 3
3. МАКЕДОНИЈА 2 1 1 5:5 3
4. Швајцарија 2 0 2 2:6 1

Најново во Други спортови