СПОРТСКИОТ ДИРЕКТОР НА МОК, ВЛАДИМИР БОГОЕВСКИ СО ДЕМАНТ:

Луѓето од „Стрелец" да не ги манипулираат јавноста и медиумите

„Апсолутно не е точно, односно тоа е лага дека некој од натпреварувачите на СК „Стрелец" се изборил за некаква норма која им гарантира учество на младинските Олимписки игри во Буенос Аирес, уште помалку за Олимпијадата во Токио" - демантира Богоевски.

објавено: 9 септември 2018 - 18:15

Стрелачкиот клуб „Стрелец" односно неговите двајца натпреварувачи Борјан Бранковски и Јане Џингов немаат реализирано никакви норми со кои би можеле да бидат учесници на претстојните младински Олимписки игри во Буенос Аирес (5-19.октомври), како и за летната Олимпијада во Токио во 2020 година.

Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, пред институцијата одговорна за овој „олимписки сегмент" од македонскиот спорт, жестоко демантира дека СК „Стрелец" дава два учесници на овие големи настани кои следуваат.

„Не знам од каде се појавуваат вакви информации, кои едноставно не се точни. Подобро да кажам тоа е лага, една вистинска манипулација од страна на овој стрелачки клуб. Ништо од она што тие го објавиле во јавноста не е точно"- демантира Богоевски.

Претходно од овој стрелачки клуб објавија дека на светското првенство во корејскиот град Шангвон, Борјан Бранковски остварил висок резултат од 570 кругови и пласман на 66. место од 116 учесници. Дека постигнатиот пласман е најдобар во спортското стрелаштво во дисциплината воздушен пиштол 60, но и воздушна пушка мажи и жени постигнат на едно Светско првенство за Македонија на кое конкуренцијата е извонредно силна.
И дека овој резултат е високо над минималната олимписка норма која изнесува 563 беше остварен со пиштол кој е стар повеќе од 15 години и кој единствено е редовно сервисиран.

„Ако некој освоил норма, никој не може да спречи негово учество на Олимписките игри. Сакаме да кажеме официјално дека ниту еден од овие двајца натпреварувачи немаат остварено норма за овие натпреварувања. И бараме да престане да се манипулира јавноста и медиумите со вакви работи. Да повторам, тие може да имаат MQS резултат, но нема теорија Бранковски и Џингов да бидат на овие натпреварувања. Тоа е вистината. Затоа што тоа, во никој случај, не обезбедува директно учество на Олимписки игри. Тој резултат единствено може да послужи за барање за добивање на т.н. 'вајлд-карта'. Вакви резултати како MQS има уште и во пливањето каде што постои Б норма, која исто така не обезбедува директно учество на Олимписки игри.

Тој ист селектор, Јордан Тасевски, се селектираше самиот себеси и отиде на Светски куп во Америка пред два месеци. Вака ги манипулираат и спортистите и нивните родители "- вели  Богоевски.

Б. Радуловиќ

Најново во Други спортови