ГИ КОНТРОЛИРА ЛИ НЕКОЈ НАЦИОНАЛНИТЕ ФЕДЕРАЦИИ?

НОВА РЕПРЕЗЕНТАТИВКА „ЖРТВА" НА ФЕДЕРАЦИЈАТА: Стрелачка федерација одлучи - нема настап за Балабан на СП

Олимписката стипендистка на МОК ги добила сретствата потребни за настап на СП во Јужна Кореја, но Федерацијата не го пријавила нејзиното учество

објавено: 14 август 2018 - 11:00

Ако минатата седмица Пливачката федерација беше таа која му застана на патот на Евгениј Поп Ацев за настап на Европското првенство во Глазгов, односно не го пријави, оваа седмица, олимпијката Нина Балабан е следната во низа.

Таа нема да може да ја претставува Македонија на Светското првенство во стрелаштво, кое од 31 август до 15 септември ќе се одржи во Јужна Кореја, бидејќи Стрелачката федерација на Македонија одлучила дека таа не е потребно да биде дел од истото.

Нина Балабан, која е најдобра македонска стрелачка, не претставуваше на ЛОИ во Рио, а е стипендист на МОК и за Олимпијадата во Токио 2020, ќе го пропушти првото големо натпреварување на кое се собираат бодови за следните Игри.

Иронијата во целата ситуација е фактот дека самата Стрелачка федерација се обратила до Македонскиот олимписки комитет со барање за нејзината стипендија да се префрли наменски за настап на Балабан на СП во Јужна Кореја. Откако МОК ги исплатил сретстава и сите услови биле исполнети, нашата репрезентативка добила допис од Федерацијата дека не е пријавена за настап на СП.

„Преку МОК ги обезбедивме сретствата за настап на СП во Јужна Кореја, но од Стрелачката федерација добив допис со кој ме известуваат дека не сум пријавена за учество на истото. Како причина беше наведено дека тоа е само прво натпреварување за квоти за ЛОИ во Токио и дека не мора учествувам", ни потврди Нина Балабан.

Репрезентативката која се натпреварува во дисциплината 10 метри воздушна пушка – жени и чие последно големо натпреварување беа Медитеранските игри летово во Тарагона, со сигурност ќе го пропушти првиот круг на квалификации за ЛОИ.

Балабан веќе ги информирала и МОК и АМС за ваквата одлука на Стрелачката федерација, а сега се тие на потег да реагираат. Ги контролира ли некој Националните федерации?

Нина Балабан е олимпијка и олимписка стипендистка, а ќе го пропушти СП во Јужна Кореја кое е првиот чекор кон ЛОИ Токио 2020.

Најново во Други спортови