ЗЛАТНОТО МОМЧЕ ОД ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАРАТЕ ТАМПЕРЕ 2014

Павлов: Бев многу горд кога ја слушав македонската химна

објавено: 6 мај 2014 - 11:45

Македонското карате уште еднаш во изминативе години покажа дека е еден од нашите најусешни и најтрофејни спортови на меѓународната сцена. По успесите на Наташа Илиевска, Берат Јакупи, Иво Цветковски и други, изминатиот викенд прв златен медал во машка конкуренција од едно Европско првенство донесе и Емил Павлов и тоа во категоријата до 60 килограми. Штипјанецот ги изненади сите со својот огромен успех, откако на континенталниот собир во Тампере, Финска, нашите адути како Јакупи и Заборска не дојдоа до одличје.

„Патот до овој медал беше тежок, морав да победам петмина борци. Јавно сакам да му се заблагодарувам на Берат Јакупи за советите кои ми ги даде како да ја водам финалната борба и навистина многу ми помогна. Чувството кога се интонираше македонската химна беше прекрасно. Јас ја имав таа чест да ја слушнам македонската химна на Европското првенство. Имавме подршка и од Македонци кои живеат во Финска и не бодреа од трибините“, изјави европскиот првак, Емил Павлов.

Селекторот на репрезентацијата е задоволен од она што е постигнато во Тампере, а истото го очекува и на Светското првенство во Бремен, Германија.

„Очекував медал и пред заминувањето, бидејќи имаме силна репрезентација, Малку лошо почнаа работите. Загубија Берат, Заборска, но не се обесхрабрував. Потоа дојде Емил и беше доминантен во сите борби. Беше во одлична форма иако имаше скршен нос на две недели пред ЕП. Во финалето беше сигурен имаше 5-0 веќе во првата минута и го направи навистина неинтересно. Емил Павлов едноставно го одблележа ова Европско првенство во сите категории. Задоволен сум од настапот и он треба да биде репер за сите останати да тренираат за постигнување големи резултати. Верувам во оваа генерација и дека ќе ги повториме овие резултати и на Светското првенство во Бремен, Германија“, изјави селекторот Петар Белистојаноски.

Најново во Други спортови