ПРЕД САБОТНИОТ МАРАТОН ВО ОХРИД

Поп Ацев сепак нема да плива

* Евгениј од лични причини се откажал од маратонот на 10 километри што се плива оваа сабота, но треба да плива на големиот маратон од 25 километри што на програмата е на 25 август. 

Од Македонија на оваа меѓународна трка ќе пливаат Александар Илиевски и Ева Петровска

објавено: 17 август 2018 - 12:20

Евгениј Поп Ацев сепак нема да плива на маратонската пливачка трка до 10 километри што в сабота треба да се одржи во Охрид, на кружна патека. Според Владимир Пејковски, потпретседател на Пливачката федерација на Македонија, Поп Ацев го известил организаторот дека од лични причини нема да плива на оваа трка. Но, Поп Ацев ќе плива на големиот Охридски маратон, оној на 25 километри на патеката од Свети Наум до пристаништето во Охрид.

„Поп Ацев беше ставен на стартната листа што ја објавивме на интеренет страницата на ПФМ, заедно со сите други учесници на трката на 10 километри. Но потоа добивме известување од Евгениј дека тој од лични причини нема да може да учествува на саботната трка. Немаме други откажувања засега", ни кажа Пејковски.

Штета е што Поп Ацев нема да плива на оваа трка затоа што беше еден од главните фаворити за победа. Настапот на оваа трка за Евгениј требаше да биде прв по скандалот што се случи кога неодамна од Пливачката федерација на Македонија не го пријавија да учествува на Европското првенство во Глазгов, во дисциплините 10 и 25 километри, на кои имаше шанса да исплива добри резултати, особено на подолгата делница.
В сабота од Македонија на оваа меѓународна трка ќе пливаат Александар Илиевски и Ева Петровска. Покрај нив на списокот на учесници се Хоакин Алехандро Морено Муноз, Акиле Балаудо, Николас Сегурадо, Гилјермо Бертола (сите од Аргентина), Венцислав Ајдарски (Бугарија), Марсел Шоутен (Холандија), Едуард Лену (Франција) во машка конкуренција и Василики Кадоглу (Бугарија), Ромина Имвинкелрид, Ерика Јенсен, Елуни Марин Даира, Елизабет Сесилија Бјаџоли, Рита Ванеса Гарсија (сите од Аргентина) и Ана Олаш (Унгарија) во женска конкуренција.

„Има неколкумина учесници кои се квалитетни и кои ветуваат интересна трка на 10 километри", вели Томи Стефановски, потпретседател на ПФМ, кој е задолжен за пливањето на отворени води.

Помеѓу учесниците е и Бугаринот Венцислав Ајдарски кој е победник на сличната трка во Охрид што се одржа лани. Гилјермо Бертола од Аргентина кој заедно со Поп Ацев минатата сезона беше севкупен победник на серијата ултрамаратони на ФИНА, исто така ќе учествува утре.
Оваа ќе биде кружна трка на патека кај пристаништето во Охрид. Пливачите ќе пливаат кружно повеќепати на патека долга 1.670 метри, која ќе треба да ја препливаат шест пати.

Најново во Други спортови