ДВА ГРЕН СЛЕМА ВО ГОДИНАТА ЗА ГОЛЕМО ВРАЌАЊЕ

Да ми речеше некој во февруари...

После освојувањето на УС Опен, српскиот тенисер призна дека кога имал големи проблеми со повредата не очекувал така успешна сезона...

објавено: 10 септември 2018 - 10:00

Новак Ѓковиќ се врати во светото на тенисот, и тоа оној најдобриот. По Вимблдон, Синсинати, го освои и Њујорк. 

Навистина неверојатно враќање, дури и за Србинот, кој го признава тоа. 

„Ако во февруари, кога имав операција, ми рековте дека ќе го освојам Вимблдон, Синсинати, а сега и УС Опен, немаше да ви поверувам. Искрено, очекував да се вратам на високо ниво брзо, тоа траеше три четири-месеци. За време на тој период, научив многу работи за себе. Научив да бидам трпелив, што никогаш не била моја силна страна "- изјави Ѓоковиќ за новинарите во Њујорк.

Вели дека посебно „влијание" над него имал поразот од Марко Чекинато на Ролан Гарос.

„Тој пораз ме научи на многу работи. Бев разочаран со играта, иако претходно чувствував дека напредувам. Одев на планинарење со својата сопруга, После три часа, стигнавме на врвот. Седнавме и гледавме на светото од една поинаква перспектива. Вдишувавме нова инспирација, мотивација. Тој момент ми остана посебно во сеќавањето"- признава Ноле.

Со победата над Хуан Мартин Дел Потро, Србинот дојде до третиот пехар во Њујорк. Интересно, секој од нив го освои во истата сезона кога победуваше и на Вимблдон.

„Се надевам дека тоа ќе се случува секоја година... Шегата на страна. Вимблдон беше мојот детски сон. Кога првпат го освоив, тоа ми отвори многу врати кога станува збор за моите можности. Чувствував дека другите Грен слемови чекаат на мене откако ќе го освојам Вимблдон. Освојување на било кој Грен слем ти дава многу самодоверба".

Со титулата на УС Опен, Ѓоковиќ се израмни со Пит Сампрас – имаат по 14. Грен слем трофеи, и го делат третото место на вечната листа. Понапред се само Роџер Федерер кој има 20, и Рафаел Надал со 17.

„Пит е легенда и идол. Поради неговата титула на Вимблдон почнав да се занимавам со тенисот. Кога станува збор за Роџер и за Рафа, пред десет години би рекол дека не сум среќен што сум дел од истата ера како и тие. Денеска сум тоа. Мечевите со нив ме направија да бидам ваков играч. Правиме едни на други да бидеме подобри. Поразите кои ги доживував од нив на Грен Слем турнирите ми помогнаа да напредувам до ова ниво, и да почнам да ги победувам"- потенцираше сега веќе третиот тенисер на светот.

Најново во Други спортови