МАКЕДОНСКАТА ТЕНИСКА НАДЕЖ ЗА „СПОРТМЕДИА“

Симева: Има простор за напредок, бевме многу блиску да ја освоиме Барселона! (ФОТО)

Нашата тенисерка настапи на Тенис Европа јуниорскиот турнир SANCHEZ-CASAL YOUTH CUP, младински куп за натпреварувачи и натпреварувачки до 16. години во Барселона.

објавено: 22 септември 2018 - 21:30

Овој турнир во Шпанија е од прва категорија, а е дел од настапот на националниот тим до 14 години, кој МТФ го организира и е под покровителство на Тенис Европа и ИТФ.

Александра Симева (2. носителка) заедно со Јана Стојанова ја претставуваа Македонија во двојки каде што стигнаа до големото финале каде што победа славеа нивните противнички од Србија, Никол Палецек (1. носителка) и Дарја Сувирдјонкова со 4:6, 6:3 и 7:10.

На патот до финалето Симева и Стојанова најпрвин беа слободни во првото коло, потоа во четвртфиналето триумфираа против Ела Сигфрид (Шведска) и Марија Верду Гонзалез (Шпанија) со 2:0 по сетови 6:3 и 6:0, а во полуфиналето ги елиминираа Алисија Ен Дели (4. носителка) од САД и Шарлот Мосбаек Елегаард од Данска (7:6, 6:4).

Ексклузивно за „Спортмедиа" после настапот на турнирот во Барселона, говореше македонската тенисерка Александра Симева:

„Јас сум задоволна од настапот на турнирот Sanchez-Casal Cup во Барселона од 1-ва категорија до 16 години, индивидуално стигнав до 1/4 финале, а во парови стигнавме до финалето каде што загубивме во трет сет, но бевме многу блиску и да го освоиме турнирот. Противничките беа добри, а некои и повозрасни и во целина турнирот беше одличен".

-Колку сте задоволни од досегашните настапи оваа година на турнирите и кој е вашиот досега најдраг трофеј?

„Задоволна сум од моите успеси оваа година, верувам во себе и дека има и простор за напредок во мојата игра во иднина. До сега најдраг освоен турнир ми е турнирот во Дубровник со кој што освоен турнир добив награда да учествувам на камп во најпрестижната тениска IMG Academy, Floridа (Флорида). А, секако дека ми се драги и титулите освоени во Анталија каде ги освоив сите 4-ри први места, 2 индивидуални и 2 во парови, а со тие успеси влегов и во ITF тимот со кој имав можност да настапам на 3-турнири во Германија и 1 во Белгија".

-Од колку години започнавте да тренирате тенис и кој е вашиот идол?

„Започнав да тренирам тенис на 5 години со мојот татко, а во Тениспарк почнав да тренирам на 11 години. Мој најголем идол е Роџер Федерер (Швајцарија)".

Најново во Други спортови