АТЛЕТСКИОТ НАСТАН СЕ ОДРЖА НА СРЕДНО ВОДНО

Тројна победа на Италијанците на ЕП во планинско трчање во Скопје

Локалниот Организационен комитет при АФМ вложи голем труд, знаење, сила и моќ за да ги надмине Европските стандарди и сопствените очекувања за исклучително квалитетна организација.

објавено: 1 јули 2018 - 13:22

Настапија 29 европски држави, вкупно 255 атлетичари во машка и женска конкуренција. Во сончеви идеални услови Европското првенство во планинско трчање во Скопје започна од 09:00 часот со трката во женска конкуренција за натпреварувачки до 20. години (У20), каде што настапија три македонски атлетичарки, Хајрие Азири, Елена Лазароска и Емилија Лазароска. (вкупно 44 натпреварувачки).

У20 (жени), конечни резултати:
1.Ангела Матеви (Италија) 29:30 мин.
2.Ана Мекфедјен (Велика Британија) 30:24
3.Скарлет Дејл (Велика Британија) 30:30

Најдобропласирана од нашите претставнички беше Хајрие Азири на 39. место (41:05 мин.)

 

Следна на ред беше машката трка до 20. години (вкупно 53 натпреварувачи), а нашата земја ја претставуваа Дејан Ангелоски, Матеј Драгановски, Хашим Куртиши и Ријад Шаипи.

Овој настан беше директно пренесуван на официјалниот Јутјуб канал на Атлетската федерација на Македонија, снимен со дрон кој покрај натпреварувачите во квалитетната организација можеа да се видат и убавините на Средно Водно. Буларда од Романија ја одбрани неговата титула У20.

У20 (мажи), конечни резултати:
1.Габриел Буларда (Романија) 25:45 мин.
2.Џозеф Дагдејл (Велика Британија) 25:52
3.Џовани Роси (Италија) 25:57

Најдобропласиран од нашите претставници беше Дејан Ангелоски на 26. позиција (29:16 мин.)
Следуваше сениорската конкуренција, први започнаа жените со закажан старт од 10:45 часот (69 натпреварувачки). За Македонија настапија Весна Кираџиева, Андријана Поп Арсова и Милијана Ристиќ. Швајцарската Матис доминираше и ја одбрани нејзината титула.

Сениорки, конечни резултати:
1.Моде Матис (Швајцарија) 52:32 мин.
2.Анаис Сабрие (Франција) 56:41
3.Ема Гулд (Велика Британија) 57:48

Најдобропласирана од нашите претставнички беше Андријана Поп Арсова на 47. место (1:08:24 ч.)

И последната четврта трка најмасовна според програмата започна од 12:30 часот во машка сениорска конкуренција (79 натпреварувачи). Атанас Анчевски, Марјан Бонев, Александар Кирковски, Муџахид Муслими ги бранеа боите на нашата земја. Тројна победа остварија Италијанците.

Сениори, конечни резултати:
1.Бернард Дематис (Италија) 46:51 мин.
2.Чезаре Маестри (Италија) 47:18
3.Мартин Дематис (Италија) 47:47

Најдобропласиран наш претставник во оваа силна конкуренција беше Муџахид Муслими со резултат 1:05:39 ч. на 73. позиција.

Најново во Други спортови