„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ДЕНЕСКА ЗАМИНУВААТ ЗА СЛОВЕНИЈА

Брдаровски: Вардар добива нов лик, се надевам успешно подготвени за Лига Европа!

Избраниците на тренерот Бабунски ги започнаа летните подготовки, а преку летните контролки ќе се темпира формата пред настапот на меѓународната сцена.

објавено: 14 јуни 2018 - 11:30

Вардар тргна официјално со летните подготовки и секако главен акцент на истите ќе биде ставен на квалификациите во Лига Европа, кои според распоредот ова лето ќе стартуваат кон средината на месец јули.

До среда тренираа избраниците на тренерот Бобан Бабунски во Скопје, а денеска експедицијата на „црвено-црните" заминува во Словенија. Во местото Зрече ќе останат до 1. јули и таму ќе одиграат седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06).

„Овој Вардар има нов лик, претрпе многу промени, пред се е млада екипа, во спој со 3-4 искусни играчи. Во текот на припремниот период очекуваме уште неколку засилувања, да направиме екипа која ќе може да се покаже во добро светло, прво во европските натпревари кои се надевам дека ќе ги има повеќе, а потоа во домашното првенство.

Денеска заминуваме за Словенија каде ќе се спремаме до 1 јули, ќе одиграме седум пријателски мечеви - таму ќе ја очекуваме ждрепката за Лига Европа, се надевам на поволен противник, успешни подготовки и добро припремени ќе се вратиме за она што не очекува во ЛЕ", изјави фудбалерот на Вардар, 28-годишниот бек Брдаровски за „Спортмедиа".

Досега како нови засилувања во редовите на Вардар беа ангажирани Филип Најдовски, Дарко Мицевски, Бразилецот Виктор Нилдо Јуфо и Алекс Талески, а од друга страна неодамна си заминаа Грнчаров, Глигоров, Блажевски, Хамбарџумјан, Глишиќ и Стојков.

Да додадеме уште дека ждрепката за двојките во првото квалификациско коло од Лига Европа ќе се одржи на 20. јуни во Нион.

Најново во Фудбал