РЕНОВА ПОДГОТВЕНА ГО ЧЕКА ЕСЕНСКИОТ ФИНИШ

Илиевски ќе го менува тимот во забрзаниот ритам

Принудната пауза во прволигашката фудбалска конкуренција изминува. За утре е закажано 15. коло во кое Ренова од Џепчиште ќе треба да гостува кај последнопласиранта Беласица во Струмица. Поради картони нема да може да смета на своите стандардни напаѓачи Влатко Стојановски и Емран Рамадани.

објавено: 21 ноември 2018 - 15:00

Тимот на „гипсарите" предводени од искусниот стратег, поранешниот македонски селектор Никола Илиевски – Џиџи, паузата ја искористи подготвен да го дочека есенскиот финиш кој ќе биде во наредните десетина дена со четири кола.

„Работевме на повеќе варијанти во кои различни улоги добиваа повеќемина играчи. Ќе мораме да правиме принудни рокади во овој забрзан ритам, ако сакаме да извлечеме максимум како тим на овие последни натпревари. Задоволен сум што играчите ја прифаќаат офанзива филозофија за игра, се адаптираат на тоа што се бара од нив и се подбро функционираме како тим – вели Илиевски.

И ТЕШКИТЕ ТЕРЕНИ ЌЕ БИДАТ ДОПОЛНИТЕЛЕН НАПОР

Покрај одигрувањето на натпревари во ритамот на среда-недела, екипите ќе треба да бидат подготвени и за дополнителниот напор кои ќе ги бараат тешките терени, бидејќи временските прилики не им се наклонети деновиве. Затоа терените на кои се одигруваат прволигашките мечеви можат да бидат полоши и потешки за реализирање на саканата игра.

„Од тие причини рокадите се неминовни. Со едни исти играчи овој ритам и услови за игра тешко ќе се издржи како што се посакува. Во зависност од противниците и нашата стратегија ќе ги правиме и тактичките замени. Затоа со играчите на тренинзите работевме да се снаоѓаат во различни улоги", додава Џиџи.

Најново во Фудбал