ПРЕД ДУЕЛОТ СО РАБОТНИЧКИ ОСТАНУВААТ НЕФУДБАЛСКИ ГЛАВОБОЛКИ

Вардарци се куражат да го издржат товарот уште четири кола

Тоа што најмалку се посакуваше да почне да се губи трпението поради беспарицата му се случува на најтрофејниот тим на мак-сцената, а се одсликува со резултатите во последните пет кола на кои забележаа само една победа.

објавено: 21 ноември 2018 - 14:35

Вардар поминува низ тежок период. Паузата играчите ја минаа во ново исчекување да слушнат убави вести за решавање на (не)фудбалските галвоболки со исплата на некоја од заостанатите плати, како и планот за застанување на клубот на здрави нозе. Во ваква мачна атмосфера вардаровите играчи ги собираат последните атоми, се куражат меѓусебе да истраат уште четири кола до крајот на есенскиот дел од сезоната со големиот товар на плеќите, па потоа од добра позиција во првенството да очекуваат и нешто добро да им се случи во зимската пауза.

Тренерот Александар Васоски беше принуден да работи без осумина првотимци. Кусокот на играчи за нормално одржување на тренинзите го надополни со прекомандување на кандидати за тимот од младинскиот погон. Истите тие, можно е во финишот од есенскиот дел ако затреба и да добијат шанса да заиграат, доколку поискусните откажат послушност поради финансиската криза.

ВРАЌАЊЕТО НА ПОБЕДИТЕ Е И ВРАЌАЊЕ НА НАДЕЖTA ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ

Свесни се и во Вардар за ситуацијата во која западнаа. Несмеат да се предадат, бидејќи ако соберат сили и им се вратат на победите во последните четири кола со Работнички, Силекс, Победа и Академија Пандев ќе ја вратат и надежта дека ќе ја преживеат финансиската криза.

Со добар пласман ќе имаат и добра позиција да се преговара за да се симне од дневен ред финансисрањето и стопанисувањето со најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Затоа екипата на чело со амбициозниот млад стратег Васоски треба да собере сили и да го издржи тешкиот товар на плеќите. Да собере доволно бодови и да остане во игра напролет за шампионската титула.

Најново во Фудбал