„црвено-црните“ поразени на гостувањето во ерменија

Лани падна Фенербахче, сега Вардар губи од Пјуник

Македонскиот вицепрвак важи за фаворит во двомечот со ерменскиот тим, но на првиот дуел загуби со 1:0

објавено: 12 јули 2018 - 17:52

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, лошо ја започна европската одисеја за оваа сезона. „Црвено-црните“ беа поразени на гостувањето во Ерменија од Пјуник со 1:0, во првиот меч од првото коло во квалификациите за Лигата на Европа. 

Вардар на овој двомеч влезе како фаворит, но првите 90 минути на гостински терен не го покажаа тоа. Ерменците делуваа многу поквалитетно и беа поконкретни во нападите. Домашните навивачи на Пјуник се израдуваа на погодок во 28 минута, кога Конате го матираше Гачевски. Погодокот може да го погледнете ТУКА.

„Црвено-црните“ повеќе во свој посед ја имаа топката, но за 90 минути упати само еден директен удар во голот на домаќините, а изведе и три корнери. Со ваква игра, Вардар не ни можеше да се надева да даде гол.

Вардар е поразен, но остануваат уште 90 минути и тоа на стадионот во Скопје, кога треба да се надополни негатива од еден гол, ако сакаат да останат во Европа и да се обидат да го повторат ланскиот успех, а тоа е влез во групната фаза од Лигата на Европа. Колку за споредба, Вардар минатото лето на два пати го победи турскиот гигант Фенербахче, а сега губи од тим како Пјуник. 

 

Најново во Фудбал