ВТОРА ПОБЕДА ВО УЕФА ЛИГАТА НА НАЦИИ (2:0)

Браво момци, чекориме кон ЕП: Македонија подобра и од Ерменија! (ФОТО+ВИДЕО)

Македонската А селекција предводена од селекторот Игор Ангеловски забележа и втор триумф во УЕФА Лигата на нации против Ерменија вечерва на „Филип Втори" Арената, Скопје, во рамките од второто коло во групата 4 во Лигата „Д".

објавено: 9 септември 2018 - 19:57

Во 13. минута Горан Пандев искусно изнуди прекршок во казнетиот простор на противникот, а Езџан Алиоски беше сигурен реализатор од белата точка.

За фудбалерот на Лидс Јунајтед ова е втор погодок во ова натпреварување. Имавме уште неколку шанси да постигнеме погодок, и тоа директно од слободни удари.

Најпрвин при сеуште нерешени 0:0 се закани Алиоски уште во третата минута, а вистинска „бомба" во свој стил испрати Енис Барди во 42. минута, но и во двете ситуации одлични одбрани имаше ерменскиот голман Ајрапетјан.

Зачудувачки Ерменците кои ни се главни конкуренти за првото место во групата 4 (Лига „Д") не делуваа така опасно кон голот на Димитриевски, само три обиди, еден во рамките.

Статистички после првото полувреме имавме поголема контрола на топката (62%), со 238 подавања, наспрема 135 на противникот. Имаше и доста прекршоци, седум од наша страна, пет направија Ерменците.

Ривалите поконкретни и поопасни во второто полувреме, се заканија првин преку Барсегјан чиј удар беше блокиран од страна на Бејтулаи. Во 50. мин. катастрофална грешка можеше скапо да го чини Кире Ристевски кој имаше лошо додавање до Димитревски, но за наша среќа и Барсегјан не се снајде најдобро, а подоцна и Пицели се закани. Тоа беше „аларм" дека треба нашите фудбалери посериозно да се ангажираат, но и во период кога не бевме активни дојдовме сосема случајно и до вториот погодок.

Фото: Петр Стојановски

Тукушто влезениот Трајковски кој го замени Тричковски, само 60. секунди подоцна, најпрвин издрибла еден противнички играчи и потоа убаво на петерецот го пронајде Пандев кој искусно со левата нога ја затресе ерменската мрежа за 2:0.

Ривалите се најдоа во големи проблеми, иако можеа да намалат во 71. мин. кога имаа сериозна можност преку фудбалерот на Арсенал, Мхитарјан, но овој ја погоди стативата. И Николов како „златна резерва" можеше многу лесно да се прослави, само неколку сантиметри од стативата заврши неговата топка и голема среќа за Ерменците што не примија уште еден гол.

До крајот избраниците на Минасјан немаа повеќе сили за евентуален пресврт, а од наша страна рутински се одработуваше задачата, на крајот прославивме уште еден голем и важен триумф.

Следниот трет меч ќе го имаме повторно на домашен терен против Лихтенштајн на 13. октомври, а три дена подоцна ќе и гостуваме на Ерменија.

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Бејтулаи, Муслиу, Ристовски, Елмас, Барди (Николов 74'), Спировски, Алиоски, Пандев (Несторовски 69'), Тричковски (Трајковски 56').

УЕФА Лига на нации
Група 4 (Лига „Д")

Македонија-Ерменија 2:0 (Алиоски 13' пенал, Пандев 59')
20:45 часот Лихтенштајн-Гибралтар

Табела:
1.Македонија (4:0) 6 бодови
2.Ерменија (2:3) 3
3.Лихтенштајн (1:2) 0
4.Гибралтар (0:2) 0

Најново во Фудбал