СЕЛЕКТОРОТ НА МЛАДАТА У21 РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ПОСЛЕ РЕМИТО (3-3)

Илиевски: Суров професионализам, на крајот лош резултат, неискуство на поединци...!

Македонија пропушти шанса да дојде до нов триумф во овој циклус, на нешто повеќе од пет минути до крајот на ФФМ Тренинг центарот во Скопје, иако имаше 3:1, на крајот освои само бод против Ерменија.

објавено: 11 септември 2018 - 18:07

Селекторот жали поради пропуштените три бодови, и самиот факт што долго време нашите надежи немале позитивен резултат дополнително влијаело врз играта на денешниот дуел.

И самото неискуство кај поединци се покажало исто како клучно, а според Пижон и главниот судија ни наштетил во одредени моменти:

„И самите видовте колку тежок и еден некарактеристичен натпревар. Меч во кој што речиси беше добиен 90 минути, 3:1 за нас, за неколку минути се изроди во лош резултат. Затоа моите впечатоци да речам уште не се собрани, не можам да се смирам и трезвено да ја согледам целата ситуација. Значи, еден добиен натпревар кој што многу тешко го истеравме до крајот. Задоволен сум од тоа што освоивме бод после долго време, можеби тоа беше една бариера, но секако не можете да бидете задоволни кога имате 3:1 во ваша полза во клучните моменти", изјави селекторот на У21 македонската репрезентација, Добринко Илиевски.

Стратегот на „црвено-жолтите" вели дека критериумот на судијата во одредени моменти не одел во прилог на неговите фудбалери:

„Сепак, овие се млади фудбалери кои што знаат да играат само чисто, кои играат еден поинаков фудбал. Тука е суров професионализам и мислам дека паднавме само на тој дел од неискуството на поединци и од сплетот на околности на крајот. Пет минути до крајот можат многу да значат, во овој случај да ве „елиминираат". Севкупно имавме добар натпревар во целост со многу убави акции во одредени периоди кога доминиравме и мислам дека како селекција сме на добар пат", додаде Илиевски.

До крајот на овие квалификации за ЕП нашите фудбалски надежи имаат да одиграат уште два натпревари, и тоа во октомври, најпрвин на гости на 12-ти против Русија, а четири дена подоцна завршуваме пред нашите навивачи против Гибралтар.

Најново во Фудбал