КВАЛИФИКАЦИИ ЕП: БАРЕМ Е ПРЕКИНАТА ДОЛГАТА СЕРИЈА ПОРАЗИ

У21: Македонија водеше и со 3:1, во финишот Ерменија „откина“ бод! (ФОТО+ВИДЕО)

Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски" - Скопје одигра нов квалификациски натпревар за ЕП 2019 исполнет со шест голови, по три на двете страни.

објавено: 11 септември 2018 - 17:36

Овој циклус нашата селекција го започна со триумф над Ерменија на гости (0:3), а сега на возвратната пресметка на домашен терен, избраниците на селекторот Добринко Илиевски ремизираа со 3:3, иако имавме позитива во самиот финиш од 3:1. Ако ништо друго барем е прекината серијата од шест порази во низа.

Мирно во првите пет минути со по некој прекршок, а во седмата Ѓорѓев ја имаше првата шанса да дојдеме до водство, но безуспешно после слободниот удар на Амановиќ. Следната прилика ја имавме преку Митровски, а почна да се закануваат и гостите, првата можност и тоа во рамките на нашиот гол, Минасјан го тестираше Стевковски.

Голема борба на средината од теренот, веќе по првите 20. минути видовме вкупно шест прекршоци, по три на двете страни. Атанасов доби жолт картон од главниот судија поради фаул врз Хајрепетјан.

На работ од противничкиот шеснаесетник фаулиран беше Јевтоски од страна на Аветисјан, а од слободен удар во 26. минута позитива донесе Атанасов стрелајќи во долниот агол на немоќниот Авагјан. Тоа беше првиот погодок за фудбалерот на турскиот клуб Бурсаспор во овие квалификации. Со овој минимален резултат 1:0 се замина и на пауза и дополнителни совети пред стартот на второто полувреме.

По првите 45. минути Македонија имаше повеќе шанси за реализација, вкупно осум обиди од кои четири во рамките, додека Ерменија има пет прилики од кои само еден директно кон голот на Стевковски. Досудени беа дури 23 прекршоци, еден повеќе имаше нашата селекција (12:11).

Во 55. мин. една сомнителна судиска одлука, беше досуден пенал за Ерменците, Амановиќ го фаулираше Аветисјан, иако нашиот играч не се согласуваше со оваа одлука на судијата од Фарски Острови, Алекс Тролејс. Прецизен од белата точка беше токму Аветисјан за израмнување.

Сега нашите фудбалери повеќе ја контролираа топката и во потрага по враќање на позитивата, тоа се успеа во 73. минута, една долга наша акција која беше прекината со прекршок во казнетиот простор, Хајрапетјан го фаулираше Крстовски. Сега Ерменците не беа задоволни од судиската одлука, но како и да е од пенал стрелаше за 2:1 Здравковски, играчот на АЕЛ Лимасол.

Нововлезениот Чурлинов само 60 секунди помина на теренот и веднаш реализираше за 3:1, но за краток период гостите дојдоа до бод. Најпрвин автогол си постигна Амановиќ, а во судиското надополнување, Аветисјан дојде и до својот втор погодок за поставување на конечниот епилог.

Фото: Петр Стојановски

У21: Македонија: Стевковски, Маневски, Амановиќ, Трајановски, Тодороски, Здравковски, Јевтоски, Атанасов (Фазлагиќ 71), Ѓорѓев, Ристовски (Крстовски 61'), Митровски (Чурлинов 88').

Квалификации за ЕП 2019
Група 7

Македонија-Ерменија 3:3 (Атанасов 26', Здравковски 73' пенал, Чурлинов 89/Аветисјан 56' пенал, 90+3, Амановиќ 90' автогол)

Табела:
1. Србија 21 бод (21:4)
2. Русија 16 (17:7)
3. Австрија 15 (17:5)
4. Ерменија 8 (9:16)
5. Македонија 4 (10:18)
6. Гибралтар 3 (1:25)

До крајот на овие квалификации нашите фудбалски надежи имаат да одиграат уште два натпревари, и тоа во октомври, најпрвин на гости на 12-ти против Русија, а четири дена подоцна завршуваме пред нашите навивачи против Гибралтар.

Најново во Фудбал