НАШАТА МЛАДАТА СЕЛЕКЦИЈА МУ ПОКАЖА ЗАБИ НА ФАВОРИТОТ

У21: За малку ќе ѝ земевме бод на Србија (видео)

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година го запиша и шестиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2019. Пред малку нашите надежи загубија на гостувањето кај Србија, најсилната селекција во нашата група со 2:1

објавено: 7 септември 2018 - 19:55

Во првото полувреме бевме лоши, во второто нешто подобри, го изедначивме резултатот, меѓутоа дозволивме гол во финишот за пораз. Србите се извлекоа и го сочуваа првото место на табелата но исто така ја зголемија предноста во однос на второпласираната Русија на пет бодови (двете селекции ќе играат меѓу себе идната недела).
Македонија остана на последното место со три бодови.

ГЛУПАВ ПОТЕГ НА АМАНОВИЌ
До 20. минута натпреварот беше изедначен, а потоа мал притисок на домашните кој резултираше со погодок. Се играше 28 минута кога Амановиќ непотребно го повлече Јовановиќ во казнениот простор во момент кога Србите изведуваа корнер, а судијата покажа на белата точка. Иван Шапоњиќ ја презеде одговорноста и ја тресе мрежата на Стевковски за 1:0. Три минути подоцна Јани Атанасов се најде во добра можност, но шутираше преку голот. Тоа воедно беше и најсериозната шанса на нашиот тим во првото полувреме.
Пред крајот на првиот дел Шапоњиќ имаше уште една 100% можност меѓутоа Стевковски го одбрани неговиот удар од пет метри.


КОСТАДИНОВ ИЗЕДНАЧИ, НО СРБИТЕ ВРАЌААТ
Нашиот тим почна да игра како што треба, а почетниот притисок резултираше со неколку шанси и погодок.
Во 53 минута Милан Ристовски се најде во извонредна шанса но шутираше покрај голот, во наредната минува уште една шанса но Петковски шутира непрецизно. Но во 64 минута капитулираше српскиот голман. Маневски доби топка по левата страна, ја префли по земја на 11 метри, а таму се најде Тихомир Костадинов кој стрела во голот на домашните. Тоа е негов четврти погодок во овој квалификациски циклус.


Но српските репрезентативци се спасија благодарение на реакцијата на Лазар Ранѓеловиќ и лошата поставеност на нашата одбрана. По слободниот удар, голгетерот на Раднички Ниш, инаку дебитант, со глава ја зафати топката, а таа го измами нашиот голман и заврши во мрежата.
До крајот Србите тактизираа, одлучни да го сочуваат тешко стекнатото водство и успеаа во тоа. Три бода кои ги приближија до евро шампионатот идната година.

ЗА МАКЕДОНИЈА У21 ИГРАА:
Стевковски, Јованов, Трајановски, Амановиќ, Маневски, Атанасов (74' - Чурлинов), Костадинов, Здравковски, Ѓорѓев, Ристовски (86' - Крстовски), Петковски (61' - Фазлагиќ)

ГРУПА 7
СРБИЈА - МАКЕДОНИЈА 2:1
АВСТРИЈА - ЕРМЕНИЈА 2:1
ТАБЕЛА
1. Србија 21 бод (7 меча)
2. Русија 16 (7)
3. Австрија 15 (7)
4. Ерменија 7 (8)
5. Гибралтар 3 (8)
6. Македонија 3 (7)

СИТЕ ГОЛОВИ И ШАНСИ НА МЕЧОТ

 

Најново во Фудбал