САКААТ ДВЕ МАКЕДОНСКИ ЕКИПИ ВО ЛИГАТА

БИБЛ го покани Гостивар во балканското друштво

Раководството на Гостивар добило официјална покана за учество во следното издание на Лигата на Балканот.

објавено: 11 септември 2018 - 19:15

Освен гевгелиски Кожув, Македонија би можела да има и втор претставник во следното издание на Балканската лига.

Можеби тоа требаше да биде скопски Шкупи, кој ги прецени своите финансиски можности, но затоа пак како втор клуб од Македонија за сезоната 2018/2019 во ова натпреварување може да испадне, т.е. да биде - Гостивар.

Имено, раководството на БИБЛ лигата и официјално испратило писмо со намери за пристапување на КК Гостивар во ова регионално натпреварување.
Гостиварци биле информирани дека лигата би била формирана од осум клуба, со партиципација на четири земји во блиското опкружување.
Покрај Македонија, со по два свои претставници би учествувале и Бугарија (Левски Лукоил, Берое), Албанија (Тирана и Драч), и Косово (Сигал Приштина и Јили-Сува река).

„Точно е дека добивме покана за настап во ова балканско натпреварување. На луѓето од БИБЛ не им дадовме конкретен одговор. За тоа ќе треба да се произнесе и Управниот одбор на клубот. Ќе биде појасно за неколку дена. Секако за тоа ќе биде консултиран и стручниот штаб односно тренерот Марјан Србиноски" - велат од раководството на македонскиот прволигаш.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка