САМО ШТО ВЛЕЗЕ ВО ФОРМА

Цветковски ги „скина“ лигаментите, на операција кај доктор Швенк

Бекот на Блокотехна, зад кого беа некои добри изданија во овој дел од подготовките на „контролата" со Гостивар заработи тешка повреда на коленото која ќе го однесе на подолга пауза, од најмалку половина година...

објавено: 18 септември 2017 - 16:20

Сериозен удар доживеа стручниот тим на гевгелиска Блокотехна за време на викендот. На контролниот меч против екипата на Гостивар, новиот прволигаш остана без услугите на Андреј Цветковски, еден од најдобрите играчи на Блокотехна во подготвителниот период.

При еден судир со противнички играч, настрада коленото на младиот кошаркар.
И за да биде бељата уште поголема, докторите дијагностицираа кинење на предните вкрстени лигаменти на коленото.
Повреда, за жал, доста честа во последно време во кошаркарскиот спорт, и која бара оперативен зафат, и повеќемесечна рехабилитација.

Раководството на клубот од Гевгелија веќе ги направи сите подготовки за операцијата која ќе биде реализирана за неколку дена во Австрија, кај еден од најдобрите доктори за санирање на проблемите со коленото, познатиот Др. Швенк.
Инаку, во изминатиот период, Американецот Двејн Бенџамин пристигна во Гевгелија, и веќе му се стави на располагање на стручниот штаб. Во дресот на Блокотехна ќе дебитира на претстојниот турнир во Белград, каде македонскиот прволигаш ќе одигра уште два контролни натпревари.
По оваа сериозна повреда на Цветковски, извесно е дека стручниот штаб предводен од Марјан Илиевски ќе мора да побара уште еден играч на првите бековски позиции, на кои во овој момент, како организатор на играта го имаат Марјан Младеновиќ.

Најново во Кошарка