НОВИОТ СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА „ЦЕНТАРЦИ“ НЕ СЕ ПЛАШИ ОД ПРЕДИЗВИКОТ

Димитровски: Работнички мора да се врати на шампионскиот пиедестал!

Покрај враќање на стариот сјај на тимот од „Градски парк“, новиот спортски директор си постави задача да ја ревитализира младинската школа, од која во многу брзо време би можело да се црпат квалитетни играчи за првиот тим.

објавено: 24 јули 2014 - 15:40

Продолжување на трендот на борба за највисок пласман во домашните натпреварувања и враќање на стариот сјај на младинската школа и обновување на нејзината улога на расадник на играчи од најдобар квалитет се основните задачи кои пред себе си ги постави поранешниот кошаркарски репрезентативец, Александар Димитровски, кој од вчера и официјално е спортски директор на најтрофејниот колектив, Работнички.

Серијата повреди кои го мачеа во последните две сезони беше главната причина што популарниот Мачка реши да стави крај на играчката кариера и од паркетот да се пресели во клупските канцеларии како прв оперативец на клубот. А, веќе првиот ден на новата функција му покажа дека пред него е голем предизвик.

Уште не сум минал еден ден на новото работно место, а веќе ми чади главата. Ниту во сон не знаев дека е вака напорно да се биде оперативец во една спортска екипа. Како играч ќе одработев тоа што ќе го побараа од мене тренерите и тоа беше сѐ, не размислував за други работи. Сега, треба да мислам на многу повеќе работи. Но, не се плашам од предизвикот. Напротив, ќе дадам сѐ од себе за да го вратиме Работнички онаму каде што му е местото, на победничкиот пиедестал“, со насмевка на лицето ни изјави Димитровски.

Поранешниот кошаркар на Жито Вардар, Работнички и на Полски Сласк смета дека тимот од „Градски парк“ секогаш мора да биде во самиот врв од македонската кошарка, во самата завршница во борбата за домашните трофеи. Но, истовремено, мора големо внимание да се обрне на работата со младите категории.

За сениорскиот погон се знае, само борбата за врвот ги задоволува апетиттите и на управата и на навивачите. Најголем дел од енергијата планирам да ја насочам кон обновување на младинската академија, која мора повторно да биде расадник на играчи од кои ќе се пополнува првиот тим. Само така ќе се избориме со напливот на странци во нашата кошарка. Имам добри идеи, за чија реализација треба време и многу работа. Но, верувам дека ќе успееме да го оствариме посакуваното“, дополнува популарниот Мачка.

Прва задача на Димитровски ќе биде пополнување на тренерската столица, која остана празна по заминувањето на досегашниот стратег Емил Рајковиќ во Полска. Марјан Србиновски е прв фаворит за тоа, се споменува и името на Марин Докузовски. Исто така, се очекува и реализација на ангажманот на репрезентативниот двоец, Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски.

Не сакам да говорам за имиња додека не биде официјална работата, но можам да потврдам дека Работнички во иднина ќе биде предводен од македонски тренер. Разрешницата ја очекувам набрзо, а реално е да се очекува веќе до почетокот на следната недела овој проблем да биде решен. За играчи конкретно ќе говорам откако ќе добиеме тренер. Тоше и Станко се врвни играчи и нормално е дека би сакале да ги имаме, но дали ќе се случи тоа ќе видиме во следниот период“, завршува новиот спортски директор на Работнички.

Покрај Димитровски, во деновите кои следуваат треба да се очекува именување на уште неколку поранешни играчки ѕвезди на 14-кратниот шампион во членови на управата или, пак, во тренери во младинскиот погон.

Игор Крстевски

Најново во Кошарка