ИГРАЊЕТО ВО СЛОВЕНИЈА МНОГУ МУ ПОМОГНА НА ЦЕНТАРОТ

Младеновски: Нема веќе грч во мојата игра

објавено: 26 јуни 2018 - 19:00

Љубомир Младеновски откако потпиша двегодишен договор со МЗТ Скопје Аеродром, после само една сезона во Словенија, реши да се врати дома. Скршеницата на раката која ја здоби пред извесен период, го примора да паузира два месеци, и сега е на рехабилитација во Белград, а тоа го спречи да игра за Македонија на гостувањето кај Швајцарија.

„Зависи како ќе се одвива рехабилитацијата, но до крајот на јули би требало да останам во Белград. Речиси сè можам да правам, освен склекови и такви слични работи каде што се оптоварува повредениот дел на раката" - објаснува Младеновски.

На Младеновски му се допаднала идејата на клубот и тренерот Кочов за формирање млад тим во кој главен збор ќе имаат македонските играчи.

„Ние помладите ќе добиеме на значење и ќе мора да бидеме носители на играта. Добро е новото правило за тројца домашни на терен, со тоа, Македонците кои досега биле резерви, сега ќе мора да бидат вклучени во ротацијата. Се отвора голем простор конечно да покажеме дека имаме квалитет" - изјави Младеновски.

Во минатата сезона, Младеновски како играч на Илирија од Љубљана стекна искуство и самодоверба кои заедно со цементирање на репрезентативниот статус, го прават засилување за МЗТ во играта во рекетот.

„Со играњето во Илирија каде што бев еден од главните играчи, ми се покачи самодовербата, квалитетот излезе на површина, бидејќи претходно постојано бев некако во грч, немав константна минутажа, туку бев споредна улога. Сега се чувствувам подготвен повеќе да придонесам за клубот во кој поминав 4 години и имав многу убави моменти. Во минатото, играта не зависеше од мене, но имаше мечеви на кои придонесував за победите и тоа ми се особено драги моменти кои секогаш ќе ги паметам. Сега ќе имам потполно различна улога, очекувам да бидам еден од носителите на играта. Верувам дека заедно со навивачите, ќе го вратиме МЗТ каде што му е местото, на врвот" - вели Младеновски.

Во првиот „мандат“ како член на МЗТ, Младеновски за четири сезони освои четири титули, а откако си замина, клубот не стана првак на Македонија и го загуби приматот. Сега му претстои и едно ново искуство, играњето во втората АБА лига.

„Ги познавам словенечките клубови кои ќе играат во втората АБА лига, и мислам дека Приморска ќе биде главен претендент за освојување на првото место. Таму отидоа двајца мои соиграчи од Илирија, Вончина и Шишко, како и Маринковиќ кој играше во МЗТ. Ќе имаат сериозен тим. Ние уште не сме го формирале составот и не можам да кажам какви ни се шансите, но и со база од македонски играчи, ќе можеме да се носиме со сите противници во АБА 2. Играњето на два фронта има и предности и маани. Ќе имаме добар натпреварувачки ритам, но ќе нема многу време за тренинзи и корекции. Најважно е да се направат квалитетни подготовки и максимално спремни да влеземе во новата сезона" - завршува центарот.



Најново во Кошарка