КЛУБОТ ОД АЕРОДРОМ ГИ „ЗАПАЛИ МОТОРИТЕ“

Странците пристигнаа: МЗТ договори пријателски со Гостивар и Левски Лукоил

Среда велат дека бил најсреќен ден во неделата, па во контекст на ова стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром денеска официјално ги почна подготовките за новата сезона и тоа во комплетен состав откако во престолнината пристигна и квартетот странци.

објавено: 15 август 2018 - 13:29

Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнаа доцна синоќа, а нешто претходно во Скопје се појавија и Хрватот Иве Иванов и Србинот Андрија Бојиќ, кој и лани беше дел од тимот. Четворицата вечерва ќе му се стават на располагање на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој изминативе десет дена неформално работеше со домашните кошаркари.

Според планот на стручниот штаб, до недела ќе се тренира во салата „Јане Сандански", а веќе в понеделник тимот ќе се пресели во Маврово каде што ќе ги одработи базичните подготовки.

Кочов планира одигрување на најмалку шест пријателски средби до почетокот на сезоната, од кои веќе начелно се договорени по две со Гостивар и бугарски Левски Лукоил. Бугарскиот шампион, ако сѐ остане според планот, кон крајот на месецов ќе гостува во Скопје на два меча од кои едниот најверојатно ќе биде од затворен карактер.

МЗТ Скопје Аеродром првиот официјален натпревар од новата сезона ќе го одигра на 27 септември на домашен терен против словенечкиот претставник во регионалното натпреварување, Хелиос.

Најново во Кошарка