МЛАДИОТ БЕК НА ХУВЕНТУД НЕМА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ОВАА АКЦИЈА

Енигмата „Димитријевиќ", трае...

Ненад Димитријевиќ беше на списокот, но откако добил само 72 часа „слободно" за време на подготовките од страна на клубот за кој настапува, селекторот Јорданчо Давитков одлучи дека и без негова помош ќе ги истуркаат овие септемвриски натпревари.

објавено: 1 септември 2018 - 14:00

Бобан Радуловиќ

Еден интернационалец помалку ќе има во нашиот национален тим во наредните дваесетина дена, оние во кои треба да се одработи септемврискиот циклус од претквалификациите за ЕП 2021 година.

Ненад Димитријевиќ беше на списокот на селекторот Јорданчо Давитков, односно сеуште е, но нема да биде дел од националниот тим за дуелите со Косово (13.септември) и Романија (16.септември).
Младиот бек за кого доста се зборуваше во текот на летото (во последен момент откажа да игра за селекцијата Под 20 години на ЕП од Дивизијата „Б“), ги информирал селекторот и луѓето од фдерацијата дека во Скопје може да пристигне, или да дојде најмногу 72. часа пред почетокот на првиот меч, оној со Косово.

Но доби(л) одговор дека тие три дена се премал, прекраток временски период во кој може да бидат максимално искористени неговите играчки потенцијали.
Селекторот Давитков го објасни тоа на следниот начин:

„Ќе го нема Ненад Димитријевиќ во овој циклус, кому клубот му дозволи да дојде само неколку дена пред средбите. Тоа е недоволно време минато со нас и затоа проценив дека во една таква ситуација подобро би било да остане во Шпанија, и да се бори за место во својот тим" – изјави Давитков.

Тоа е одлуката на селекторот по која како играчи од страна остануваат Војдан Стојановски, Бојан Трајковски и Стојан Ѓуроски, за кои пак извесно е дека ќе дојдат на тренинг во периодот помеѓу 8 и 9 септември, значи неколку дена плус, во однос на младиот бек на Хувентуд.
Но останува енигмата „Димитријевиќ" затоа што ова не е прв пат да има „разминување" на двете страни.
Нашиот национален тим ги стартуваше подготовките, со само седум актривни кошаркари, меѓу нив и некои млади лица како Предраг Пајиќ.

Со оглед на тоа дека Давитков има на располагање неколку играчи за првата бековска позиција, како Костоски, Магдевски, Стајиќ, и Караџовски, јасно е дека тоа било и пресудно во носење на една ваква одлука.

Во меѓувреме, Димитријевиќ и навистина се „бори" за своето место во тимот од Бадалона. И тоа го прави доста добро. На премиерниот подготвителен меч во Бадалона гостуваше екипата на Мичиген. Славеа домашните кошаркари со резултат (85:79), а потенцијалниот македонски репрезентативец помина повеќе од 20.минути на паркетот.
Веќе утре, Хувентуд ќе ги провери своите моментални можности и во „контролата" против Барселона, исто така на домашен терен.
Значи нова шанса за Димитријевиќ да ја собира потребната минутажа и да биде уште поподготвен за сезоната која следува, онаа клупската, се разбира.

 

Најново во Кошарка