АКО НЕ БИДЕМЕ ПРВИ ВО ГРУПАТА СО КОСОВО И РОМАНИЈА

ФИБА ИМ ДАВА ВТОРА ШАНСА НА СИТЕ: Ако киксираме, на „поправен" во август следната година

Тимовите кои нема да ја минат втората фаза претквалификации, добиваат и трета прилика, следната година...

објавено: 5 јули 2018 - 18:15

Светската кошаркарска федерација, ФИБА, објави дека третата рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2021, ќе се игра во текот на август наредната година. Ова значи дека доколку македонскиот национален тим не го освои првото место во втората фаза, каде за ривали ќе ги има Косово и Романија, во августовскиот термин во 2019 година ќе има уште една последна шанса да влезе меѓу 32. најдобри европски селекции кои ќе учествуваат во квалификациите за ЕП 2021.

За „црвено-жолтите" претстојат четири меча со Романците и Косовците, два се во септември, а по еден на почетокот на декември и во втората половина на февруари следната година. Само првопласираниот од оваа група оди директно во квалификациите. Вториот и третиот, ќе разигруваат во третата фаза, закажана за август следната година.

Во таа фаза од претквалификациите, ќе учествуваат 13 тима, а пет веќе се знаат.
Тоа се Албанија, Кипар, Луксембург, Словачка и Швајцарија.
Или селекциите кои не ја минаа првата фаза, но ФИБА и на нив им дава нова шанса во август 2019.
На овие пет тима, ќе им се приклучат уште осумте кои ќе испаднат од втората фаза (вторите и третите од секоја од четирите групи во втората фаза во која ние ќе се сретнеме со Романија и Косово). Во август 2019, 13. тима ќе се борат за четири места во квалификациите за Евробаскетот 2021.
Официјалните квалификации за ЕП 2021, во кои 24 тима веќе се пласирани (тоа се европските селекции кои продолжуваат во квалификациите за Светско првенство 2019), и се чекаат уште по четири од втората и третата фаза претквалификации, за комплетирање на друштвото од 32. елитни европски селекции, почнуваат во ноември 2019 година.

Најново во Кошарка