Најинтересните податоци за Мундијалот

Кој е најдебел, кој е најстар, кој е најнизок..

Ви го претставуваме Светското првенство низ бројки. За многу повеќе информации прочитајте во денешното издание на дневниот весник „Спорт“

објавено: 14 јуни 2018 - 12:05

Ова ќе биде ПРВО Светско првенство кое ќе се одржува на два континента (географски гледано)

2 дебитанти на Мундијалот во Русија: Тоа се Исланд и Панама. Воедно Исланд е најмалата држава (по број на жители) во историјата на светските првенства.

4 репрезентации го одбраа Санкт Петербург за своја база за време на СП: Англија, Костарика, Јужна Кореја и Саудиска Арабија. Две репрезентации ќе се стационирани во Москва: Германија и Перу, а уште осум во околината на главниот град на Русија, вклучувајќи ја и домашната селекција која е сместена во Химки, 30-тина километри од центарот на Москва.

4 Аргентинските тренери се најбројни на СП 2018. Ектор Купер го предводи Египет, Рикардо Гарека е селектор на Перу, Хорхе Сампаоли ја води Аргентина, а Хозе Пекерман е на чело на Колумбија. На второ место е Шпанија со тројца тренери: Лопетеги (Шпанија), Мартинез (Белгија) и Пици (С.Арабија).

21 Ова е 21 светско првенство во историјата, а прво на територијата на Русија, прво во Источна Европа, а 11-то во Европа.

23 Англија е единствениот тим на СП во кој сите 23 фудбалери играат во домашното првенство. Втор на списокот е Русија со двајца „странци", а Саудиска Арабија има тројца такви играчи. А во Сенегал и Шведска нема ниту еден фудбалер од локалните шампионати.

16 Најмногу претставници на СП има Манчестер сити, дури 16. По него се Реал (15) и Барселона (14). Пари Сен Жермен, Тотенхем и Челси имаат по 12.

8 Барселона е единствениот клуб во историјата кој ќе има претставници во сите осум групи на турнирот.

45 Есам Ел Хадари е најстариот играч на Мундијалите. Тој ќе го чува голот на Египет со 45 години и пет месеци со што ќе го помине претходниот рекорд на Фарид Мондрагон од Парагвај. Исто така тој е најискусниот играч на турнирот со 157 настапи за националниот тим.

30 Аргентина, како и во 2014, го има најстариот тим на шампионатот со просечна возраст од 30 години и три месеци (половина од фудбалерите имаат толку години). Зад нив се Костарика и Панама.

25 Најмладиот тим го има Франција со просечна возраст од 25 години и два месеци, а зад нив е Англија со 25 години и пет месеци.

19 Даниел Арзани со 19 години и пет месеци е најмладиот фудбалер на СП во Русија. Тој е неколку месеци помлад од Килијан Мбапе (Франција) и Александер Трент-Арнолд (Англија).

99 Роман Торес дефанзивецот на Панама со 99 килограми е најдебелиот фудбалер на Мундијалот. Хари Кејн е на второто место со 98 килограми. Најслабиот играч е Такаши Инуи од Јапонија со само 59 килограми. Еден килограм повеќе има Џеси Лингард од Англија.

201 Ловре Калиниќ, голманот на Хрватска, со 201 сантиметар е највисокиот фудбалер на турнирот. Најниски се Алберто Кинтеро (Панама), Ал Шери Јахија (Саудиска Арабија) и Џердан Шаќири (Швајцарија) со височина од 165 сантиметри.

400 милиони американски долари е наградниот фонд. На шампионот ќе му припаднат 38 милиони долари, а на финалистот 28. На третопласираниот ќе му бидат дадени 24, а на четвртиот 22.

64 натпревари вкупно ќе се одиграат на Мундијалот 2018 година. Финалето е на Лужники во Москва на 15 јули.

12 стадиони во 11 градови ќе се одиграат натпреварите на СП. Москва е со два стадиони, Лужники и Окритие арена.

36 судии ќе ги судат натпреварите на СП. 63 се асистенти, а 13 видео асистенти. Првпат на СП ќе биде користен ВАР системот.

35.050 волонтери се ангажирани за времетраењето на Мундијалот од кои 17.050 се на стадионите.

Најново во Меѓународен Фудбал