ДРУГАТА СТРАНА НА ИРАНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Тим составен од овчар, виолинист, гимнастичар, политички активист...

Голманот Алиреза чувал овци, Јаханбаш сонувал да биде гимнастичар. На Гучанеџад фудбалот му е во втор план.... Тоа е дел од иранската фудбалска репрезентација.

објавено: 20 јуни 2018 - 12:00

Сензационалната победа на Иран над Мароко во првото коло на Мундијалот во Русија донесе голема радост низ улиците на Техеран, главниот град на земјата во која се населиле првите цивилизации. Мажите и жените обично не се мешаат во оваа исламска република, но за момент ја оставија традицијата на страна и го гордост го славеа триумфот.

„Тимот е светост. Карлос Квеироз е нашата најголема ѕвезда. Тој успеа двапати да го однесе тимот на СП", изјави новинарот Алириза Мохарами по триумфот над Мароко кој ги наведе проблемите со кои се соочуваше португалскиот тренер во изминатите години.

„Тој мораше да се бори со клубовите да му ги ослободат играчите за да работи со нив и да ги спрема за Светското првенство. Му требаше време, но направи одличен спој на млади и искусни играчи. Овој тим му дава на Иран надеж за подобра иднина", изјави Мохарами.

А кои се играчите кои ги бранат боите на Иран?

ОВЧАР НА ГОЛОТ
Алиреза Бејранванд, голманот кој со неколкуте одлични интервенции практично ги отпиша Мароканците на мечот од првото коло, бил овчар во планинскиот регион Лорестан, во северозападниот дел на земјата пред неговото семејство да се пресели во Сарабија.

„Татко ми не го сакаше фудбалот. А и јас кога бев помал, фудбалот не ме интересираше", се присетува Бејранванд.

Неговата приказна е интересна. Сосема случајно почнал да игра фудбал. Тој тргнал со автобус во Техеран по работа. Во автобусот бил извесен Хосен Фејз, кој управувал со локален фудбалски клуб. Тој му понудил да тренира кај нив, а за тоа му понудил 200.000 томани (50 евра). Но Бејранванд сакал повеќе. Прво миел автомобили, потоа работел како пица-мајстор и чистач. Неколку пати спиел на улица, во близина на кулата Азади - најважниот споменик во главниот ирански град.

„Мислеа дека сум просјак и еден ден се разбудив со неколку монети покрај мене", изјави Бејранванд.
Една ноќ минал пред вратата на фудбалскиот клуб кој му понудил можност да тренира фудбал. Фејз го препознал и го повикал внатре. Така почнува неговата фудбалска кариера. Сега игра во Персеполис, шампионот на Иран.

СОПСТВЕНИК НА РЕСТОРАН
Ашкан Деџага од јануари е играч на Нотингем Форест, а е добар пријател со Кевин Принс-Боатенг кого го нарекува „брат". Во јануари тој отвори суши ресторан во Вилмерсдорф, во близината на Берлин. Инаку кариерата ја почнал во Тенис Борусија Берлин, па играл за Херта, Волфзбург, Фулам... На десната рака има истетовирано Берлин, а на левата Техеран, како и реченицата: „Никогаш не заборавај од каде доаѓаш".

ВИОЛИНИСТ И ПОЛИГЛОТ
Реза Гучанеџад постигна гол против БиХ (пораз од 1:3) на СП во Бразил, единствениот на Иран на тоа првенство. Играчот на Херенвен е познат по своите вештини со виолината, а плус е полиглот: зборува англиски, холандски, персиски и француски, а разбира германски, италијански и португалски јазик.
Тој играше за младинските категории на холандската репрезентација, па дури на 21 годишна возраст сакал да го напушти фудбалот за да учи право. Сепак, решил по завршувањето на кариерата да се посвети на тоа.

„Луѓето што ме познаваат знаат дека има фудбалот ми е како забава. Повеќе ме интересираат други работи", вели Гучанеџад кој ги презира социјалните мрежи.

Негова снаа е Саре Бајат, позната иранска актерска.

ЈА ОСТАВИ ГИМНАСТИКАТА ЗА ДА ИГРА ФУДБАЛ
Алиреза Јаханбаш е најдобриот напаѓач на Иранците во моментов. Игра за АЗ и имаше извонредна сезона во холандската Ередивизија: 21 гол и 12 асистенции! Не е лошо за момче кое на 12 години сонувало да стане гимнастичар или ракометар. На крајот ни тоа ни тоа, туку фудбалер. Тој се вљубил во оваа игра гледајќи го Светското првенство во 1998 година и восхитувајќи му се на сонародникот Махдавикија, а сега го обожава Кристијано Роналдо.

„ЦР7 е мојот идол. Секогаш се обидувам да научам некој трик од него", изјави Јаханбаш кој наскоро ќе го напушти АЗ во насока на англиската Премиер лига.

ИРАНСКИОТ МЕСИ
Ако Јаханбаш е најдобриот голгетер, миленикот на нацијата е Сердар Азмун. Момчето кое има 23 години го нарекуваат „иранскиот Меси".

„Не знам зошто велат дека сум новиот Меси. Мојата игра нема врска со неговата. Можеби затоа што имаме исти копачки", се смее Азмун на кого омилен играч му е Ибрахимовиќ.
„Тој ми е идол од детството. Минатата сезона се сретнавме во меч од Лига Европа, па дури си ги сменивме дресовите", вели Азмун кој е зависник од социјални мрежи.
Интересно, тој одбил да игра одбојка за иранската репрезентација иако имал предиспозиции за тој спорт, поради својата висина (1,86 метри). Неговиот татко бил одбојкар.

ПЕРСИСКИОТ ПОГБА И ЉУБИТЕЛОТ НА БРЗИТЕ АВТОМОБИЛИ...
Левиот бек Милад Мохамади има квалитет да игра во Шпанија, Холандија, Италија, но во моментов е задоволен што игра во Ахмад Грозни. Има брат близнак, Мехрад, кој игра во Сефахан. Фановите го нарекуваат „Бип Бип", поради неговата брзина го споредуваат со брзата птица (и Којотот) од цртаните филмови.

Најмладиот во репрезентацијата е Саид Езатолахи кој има 21 година и е син на фудбалски тренер. Го нарекуваат персискиот Погба. Тој беше дел и од Атлетико Мадрид каде учеше фудбалски вештини од Чоло Симеоне, а кратко беше дури и до Јужна Америка во Атлетико Параненсе. Во јули 2015 „емигрира" во Русија, во клубот Ростов.

Десниот бек Рамин Резајан го напушти азискиот фудбал оваа сезона за да игра во Европа, поточно во Остенде, Белгија. Тој не ја крие страста кон автомобилите. По пристигнувањето во Белгија веднаш си купи сребрено Ламбургини, модел каков што има Роналдо. Тој има 1.1 милион следбеници на Истаграм.
Карим Ансарифард го сметаа за голема надеж на иранскиот фудбал, новиот Али Даеи. Во 2012 година беше на списокот на 50-те најталентирани играчи во светот. Помина низ многу клубови Саипа, Персеполис, Трактор Шаци, Осасуна, Паниониос и сега е во Олимпијакос. Тој признава дека има проблеми со самодовербата, а поради честите осцилации не можел да заигра во некој поголем клуб.

...ШВЕЃАНЕЦ И АКТИВИСТ...
Самас Годос има 24 години и е роден во Малме и до минатата година не можеше да извади иранско државјанство. Тој е син на ирански емигранти кои никогаш не ги заборавиле своите корени. Годос дури одиграл два пријателски натпревари за Шведска, а постигнал и гол против Словачка.

Тој игра во Естерсундс, а Арсен Венгер пред неколку месеци за него кажа „тактички и технички добро поткован". Швеѓаните пред неколку денови одбија да го продадат во Селта Виго. На 25 август минатата година Годос добива ирански пасош и државјанство. Причината е поканата да игра за Иран. Тој ја прифаќа и веќе има девет настапи и еден гол. Тој може да игра како напаѓач, крилен напаѓач и офанзивен играч за врска.

Масуд Шоџаеи можеби е најпознатиот ирански фудбалер во Шпанија. Играше за Осасуна и Лас Палмас, а од неодамна е член на грчкиот шампион АЕК Атина. Во 2008 година бил одбиен од Волфзбург и Наполи, па прибежиште нашол во Осасуна.

Тој е активист и поддржувач на „Персиското Зелено движење", исто така јавно зборуваше за корупцијата во иранскиот фудбал и за сексуалното насилство врз децата. Тој беше еден од најзаслужните што на жените во Иран им беше дозволено да гледаат фудбалски натпревари.

Најново во Меѓународен Фудбал