УРУГВАЈЦИТЕ СЛАВЕА МИНИМАЛНО ПРОТИВ „ФАРАОНИТЕ“

Суарез и Кавани не можеа, но Хименез го сруши Египет

Во вториот меч од групата А на Светското првенство Уругвај го победи Египет со 1:0 со погодок во финишот на мечот

објавено: 15 јуни 2018 - 16:14

Уругвај победува на првиот меч на Светските првенства за првпат по 1970 година. 

Се очекуваше многу повеќе од овој дуел, меѓутоа малку фудбалски потези беа видени на теренот во Екатеринбург. Уругвајците почнаа со најсилниот состав, а Единсон Кавани и Луис Суарез го предводена нападот, додека Египет тргна без Мохамед Салах, кој остана на клупата и не доби шанса за настап. Очигледно селекторот не сакаше да ризикува со неговата повреда.

Во првото полувреме беа видени две шанси првата преку Кавани втората преку Суарез но и двајцата не успеаа да го совладаат противничкиот голман Ел Шенави (Ел Хадари остана на клупата и ќе почека на уривање на рекордот на најстар голман на натпревар на Мундијалите).

Египет не беше убедлив во нападот, многу тактизираше, играше бавно и пополека како да сакаше мечот да заврши без голови. И така се движеше резултатот се до финишот. Во 73 минута Кавани го пронајде Суарез, а овој не успеа да го совлада противничкиот голман. Потоа од слободен удар ја погоди стативата, но работите дојдоа на свое место во 90 минута кога по корнерот на Санчез високо скокна бекот на Атлетико Хименез и со глава ја испрати топката во мрежата.

Така Русија и Уругвај имаат по три бода, а Египет и Саудиска Арабија се без бодови по првото коло во групата А.

 

Најново во Меѓународен Фудбал