ОДБЛИСКУ СО ЈОСИП ДРМИЌ

Швајцарецот кој „едвај“ стана Швајцарец

Иако е роден во Швајцарија морал да полага испит за стекнување на швајцарско државјанство и два пати паѓал на истиот

објавено: 30 јуни 2018 - 11:00

Швајцарија пројде во осминафиналето и следната препрека им е Шведска. „Саатчиите" се пласираа понатаму по ремито со Костарика 2:2 и поразот на Србија од Бразил. Во тој дуел со екипата од Карибите селекторот Владимир Петковиќ во игра го внесе Јосип Дрмиќ, третиот избор. Ги имаше Гаврановиќ и Сеферовиќ, а селекторот се реши да го стави Дрмиќ кој возврати со погодок во 88 минута. Тоа беше негов 10 гол за Швајцарија, а прв на Мундијалите. Во тие неколку минути игра го привлече вниманието поради што навивачите повикуваат токму тој да биде во игра на наредниот меч со Швеѓаните.
Дрмиќ не ни требаше да игра на СП, меѓутоа Петковиќ реши да го повика затоа што немаше голем избор во нападот. На претходното СП не се покажа, го пропушти ЕП во Франција поради операција на коленото, но сега одново е во тимот.
„Сонував за гол на СП и тоа го исполнив. Но знам дека не сум во топ-форма. Можам и многу повеќе", вели Дрмиќ.
Дрмиќ е роден во Лахен во кантонот Швиц како син на хрватски родители. Неговиот татко Милан е поранешен играч на ФК Витез и неколку помали балкански клубови но исто така и навивач на Хајдук.
На 16 години малиот Јосип морал да полага пред комисија за швајцарско државјанство. Двапати паднал на тестирањата. Иако добро го зборувал јазикот, сепак, не ја познавал историјата на државата во која е роден. Дури од третиот обид го положил испитот и добил право за швајцарско државјанство.
Дрмиќ поминал шест години во академијата на Цирих, па преку вториот тим влегол во првиот. По три години во клубот од главниот град, заминува во Германија, прво во Нирнберг, па Баер Леверкузен, кратко во Хамбургер и сега во Борусија Менхенгладбах.

ОД 2010 почнал да игра за младите екипи на Швајцарија, за А селекцијата дебитира во 2012 година во победата над Албанија со 2:0 во квалификациите за СП 2014. Интересно тој и неговите родители чекале повик од хрватската репрезентација, но тој не дошол. На крајот ја прифатиле поканата на Швајцарија.
Не е до нас. Ние долго чекавме, се надевавме. Тој играше за младите селекции на Швајцарија, но никој од хрватскиот Фудбалски сојуз не дојде да го запознае. Кога се јави Отмар Хицфелд, не му одговоривме веднаш. Три дена чекаше. А во тој период немаше ни збор од Хрватска, па на крајот ја прифативме поканата на Швајцарија", вели таткото Милан.

ПРВИТЕ ГОЛОВИ ПРОТИВ СВОИТЕ
Дрмиќ за разлика од Ракитиќ (исто така роден во Швајцарија) одбрал да игра за Швајцарија. Интересно првите два гола за националниот тим ги постигна против Хрватите во март 2014 година во меч кој заврши 2:2.
На СП 2014 во првото коло против Еквадор даде гол кој му беше поништен поради офсајд, па мораше да чека уште четири години за „првенецот" на Мундијалите.
Јосип има двајца постари браќа. Игор кој никогаш не стигнал подалеку од Б тимот на Базел и Иван кој не е фудбал.

Најново во Меѓународен Фудбал