ШВЕЃАНИТЕ СЕ УШТЕ ДОБРО ГО ПАМЕТАТ

Малме го чека „крвникот“ Николов

Само што помислија дека се „отарасија" од Вардар, вечерва им доаѓа Бобан Николов со МОЛ Види, кој лани во дресот на „црвено - црните" им даде два гола

објавено: 7 август 2018 - 14:30

Тројца наши интернационалци попладнево и вечерва ќе настапат за своите клубови во првите мечеви од 3.квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Секако дека во преден план е Бобан Николов, и тоа поради фактот дека лани во дресот на Вардар се сретна со Малме и го елиминира а оваа година како фудбалер на МОЛ Види повторно ќе игра против најдобриот тим во Шведска.

Даки повторно ќе биде „крвникот" за тимот од Шведска останува да се види. Интересно е тоа што Швеѓаните само што помислија дека се „отарасија" од Вардар, да потсетиме дека лани тогаш нашиот првак беше подобар во 2. квалификациско коло во ЛШ, сега повторно им се испречува тој Николов. Колку за потсетување, репрезентативецот на Македонија лани во двата меча стрелаше во мрежата на Малме. Прво на гости израмни на за конечни 1:1 во 62. минута, за да во реваншот во Струмица, со гол во 90+2, минута стави точка на триумфот од 3:1. Мечот меѓу Малме и МОЛ Види, почнува во 19:15 часот, а Николов повторно ќе биде опасност по домашниот гол.

ЕЛМАС Е АДУТОТ НА ФЕНЕР ВО ЛИСАБОН

Елјиф Елмас во текот на летните подготовки постојано беше форсиран од страна на новиот тренер на Фенербахче Филип Коку. „Дијамантот" како одговор на тоа се претстави во супер издание.

Можеби затоа сега се очекува Коку повторно да има храброст и да го стави во игра уште од првата минута Елмас на гостувањето на Бенфика. Инаку ова ќе биде прв официјален меч за Фенер во оваа сезона. Натпреварот во Лисабон започнува во 21:00 часот.

АДЕМИ НА ГОСТИ ВО АСТАНА

Третиот наш интернационалец кој денеска ќе игра за својот тим во ЛШ е Аријан Адеми.

Тој со својот Динамо Загреб, каде што е и капитен, ќе гостува во Казахстан, каде што „модрите" ќе го одиграат првиот меч во оваа фаза кај Астана. Секако дека Адеми ќе биде, како и секогаш еден од оние од кои најмногу се очекува.

Најново во Фудбал