НЕПРИЈАТНО ИЗНЕНАДЕНИ СПАРТАК МОСКВА, ФЕНЕРБАХЧЕ, СЕЛТИК...

Дали Шкендија ќе им се придружи на Елмас, Ристовски...

Синоќа официјално ги дознавме паровите во плеј-офот за влез во групната фаза од Лигата на шампионите...

објавено: 15 август 2018 - 08:35

Се случија неколку изненадувања, елиминирани од третото квалификациско коло од најквалитетното европско натпреварување се Спартак Москва, Селтик и Фенербахче.

Динамо Загреб откако на првиот меч во Казахстан триумфираше со 0:2, и на реваншот пред своите гледачи овојпат минимално со 1:0 ја совлада Астана.

Македонскиот интернационалец и капитен на хрватскиот клуб, Аријан Адеми го одигра целиот меч, а во следната фаза како последна пречка за влез во групите ќе биде Јанг Бојс.

МОЛ Види одигра 0:0 пред своите гледачи со Малме, но благодарение на гостинскиот погодок во Шведска (1:1), Унгарците се пласираа во плеј-офот.

Нашиот играч Бобан Николов беше стартер кај домаќините и настапи до 85. минута кога беше заменет од Паткаи. Така, втора година по ред Николов го елиминира Малме, претходно тоа му успеа во дресот на Вардар.

За пласман во групната фаза унгарската екипа ќе ги одмери силите против грчкиот состав на АЕК од Атина кој приреди сензација елиминирајќи го шкотскиот гигант Селтик.

Освен тоа што Николов и Адеми ќе се борат за влез во групи на ЛШ, и да не успеат во таквата намера, веќе имаат обезбеден настап во групи на Лига Европа.

Лига на шампиони

Двојки, плеј-оф

„ШАМПИОНСКИ ПАТ"

Црвена Звезда (Србија)-Салцбург (Австрија)
БАТЕ Борисов (Белорусија)-ПСВ Ајндховен (Холандија)
Јанг Бојс (Швајцарија)-Динамо Загреб (Хрватска)
МОЛ Види (Унгарија)-АЕК (Грција)

„ЛИГАШКИ ПАТ"

Бенфика (Португалија)-ПАОК (Грција)
Ајакс (Холандија)-Динамо Киев (Украина)

Првите натпревари ќе се одиграат на 21/22 август, а реванш мечевите на 28/29 август 2018 год.

-ФЕНЕРБАХЧЕ ВО ГРУПИТЕ НА ЛИГА ЕВРОПА, НОВ ЦЕЛ МЕЧ ЗА ЕЛМАС ПРОТИВ БЕНФИКА-

Беше поразен во првиот меч со 1:0, а на реваншот од 3. претколо во ЛШ, Фенербахче одигра реми 1:1 со Бенфика.

Повторно македонскиот интернационалец Елиф Елмас одигра цел меч против португалската екипа, а во 22. мин. доби жолт картон поради прекршок.

И покрај елиминацијата, Фенербахче не оди во плеј-офот, туку директно во групите на Лига Европа во чие натпреварување во новата сезона ќе настапуваат врвни имиња како Арсенал, Челзи, Милан, Баер Леверкузен, Виљареал, Марсеј, Спортинг Лисабон на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски...

-ВАКА ИЗГЛЕДА ЛИСТАТА НА ДОСЕГА КВАЛИФИКУВАНИ ЕКИПИ ВО ГРУПИТЕ НА ЛИГА ЕВРОПА-

Имаме досега 21 тим, треба да дознаеме уште 27, за да се комплетира бројката од 48 учесници за настапот во групната фаза на ЛЕ. Се чекаат поразените од плеј-офот на ЛШ (вкупно шест), и уште 21 тим, победници од плеј-офот на Лига Европа (осум преку „Шампионскиот Пат“ и 13 преку „Лигашкиот Пат“). Во четврток ќе се дознаат сите двојки во плеј-офот на ЛЕ, веќе е познато дека Шкендија ќе игра во оваа фаза, најверојатно против Розенборг.

Останува да се види дали македонскиот шампион ќе им придружи на Елмас (Фенербахче) и Ристовски (Спортинг Лисабон), потоа на Адеми (Динамо Загреб) и Николов (МОЛ Види) ако овие двајца последноспоменати бидат елиминирани од плеј-офот на ЛШ. Секако бројката на наши интернационалци на патот кон групите на ЛЕ би можела да биде зголемена и со Аврамовски (Олимпија Љубљана), Тричковски (АЕК Ларнака), Жута и Велковски (Риека), Ивановски (Хајдук Сплит)...

Најново во Фудбал