МАКЕДОНСКИ АВТОМОБИЛИСТИЧКИ ШАМПИОНАТ 2018

Малинковски триумфираше на кружната трка во Кичево

Втората трка во годинешниот шампионат на кружни патеки помина во одлична организација, а натпреварите во трите категории беа највозбудливи последниве неколку години

објавено: 4 септември 2018 - 09:00

Во најинтересната класа, класата 4 (Е1 2000) триумфира Давид Малинковски од редовите на клубот организатор, АКК Кастум Кар Рејсинг од Скопје. Воедно, тој го оствари и најдоброто време годинава на патеката во Кичево, што е и негов личен најдобар резултат (1.10.991) во второто возење од квалификациите, за што доби посебно признание.

„Организацијата беше на високо ниво, многу сум задоволен од резултатот и возбуден затоа што автомобилот дојде на еден ден пред викендот, од Италија каде што беше на подготовка за оваа трка и за следните две во Скопје. Би сакал да продолжиме со вакви резултати и ќе се обидеме да оствариме што подобар резултат на крајот на сезоната", изјави Давид Малинковски.

Втор во класата 4, беше Марко Мишевски од АКК Никола Карев, пред клупскиот колега Југослав Милошевски.

Во класата 1 триумфира Георгиј Наков од АКК Никола Карев, пред клупскиот колега Никола Василевски и Александар Георгиевски од АКК Кастум Кар Рејсинг.

Во класата 2 победи Мартин Делев од АКК Кастум Кар Рејсинг, пред клупскиот колега Коста Николовски.

Во класата 3, Орхан Ахмет од АКК Автоклиника беше побрз од Филип Џуклески од АКК Никола Карев и Благоја Димитровски од АКК Автоклиника.

Во класата 7, единствен натпреварувач беше Ненцислав Петковиќ. Организаторот му додели посебно признание и на гостинот со српска лиценца, кој што возеше вон конкуренција, Димитриј Кимовски, а признание за најмлад возач со само 17 години, доби Михаил Делев од АКК Кастум Кар Рејсинг.

„Ова беше наша прва трка, што ја организираме ние и ако продолжиме вака, односно ако се надоградуваме во согласност со нашите идеи, мислам дека многу брзо ќе го кренеме автомобилизмот во Македонија на повисоко ниво. Доказ за ова е прегледот на стримот кој што го емитувавме од Кичево, кој што регистрира повеќе од 30.000 посетители за време на трката, изјави Миле Делев, организаторот на настанот во Кичево.

Фото: brzkrug.com

Најново во Авто-мото