ВО НОВАТА ТРКА ОД МОТО ГП ШАМПИОНАТОТ

Довициозо го покори Мизано, кикс на Лоренцо (ФОТО)

Возачот на Дукати Андреа Довициозо му го донесе на својот тим првиот триумф на Големата награда на Сан Марино и Римини после 11 години, откако славеше на 13. трка од Мото ГП шампионатот.

објавено: 9 септември 2018 - 15:44

Довициозо на патеката „Марко Симончели" ја оствари третата победа оваа сезона, а 20. во кариерата. И тоа го направи победувајќи го за скоро три секунди бранителот на титулата Марк Маркес на Репсол Хонда.

На нив двајца на подиумот им се придружи возачот на ЛЦР Хонда Кал Крачлоу, кој профитираше од излетувањето на Хорхе Лоренцо во претпоследниот круг.

Популарниот Дови во Мизано извозе навистина паметна трка, добро стартуваше, а потоа трпеливо го чекаше својот момент. Клучен беше шестиот круг, кога го престигна Лоренцо, кој сигурно водеше од стартот, а потоа не му беше потребно многу време да се одвои. Во последните пет кругови почна да попушта, но имаше доволно сила да дојде до триумфот.

Иако Маркес успеа да дојде до второто место, неколку пати искусниот Лоренцо експресно ја враќаше позицијата. На два круга пред крајот на трката се чинеше дека е готово и го имаме конечниот пласман, но следуваше шок за Дукати, бидејќи Лоренцо излета од патеката.

Маркес и понатаму се наоѓа на водечката позиција во генералниот пласман со 222 бодови, а втор сега е Довициозо со 154. Валентино Роси кој денеска беше седми е третопласиран со 151, а четврти губитникот на денот Лоренцо со 130 бодови.

Мото ГП шампионатот продолжува со ГН во Арагон на 23. септември.

Најново во Авто-мото