СТРАТЕГОТ НА МЕТАЛУРГ ИМА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ

Брестовац: Во хаос сум...

Дури тројца ракометари се на листата на повредени пред стартот на Лигата на шампионите. 

објавено: 11 септември 2018 - 11:30

Металург има старт за заборав во новата сезона од СЕХА-лигата. На секој од трите меча стратегот, Данило Брестовац „губеше“ по еден ракометар, а згора на сè остана и без капитенот Филип Кузмановски, кој одлучи кариерата да ја продолжи во Еурофарм Работник.

Мартин Велковски, Тони Јагуриновски, Марио Танкоски се надвор од стројот, не се знае кога ќе се вратат играчите во тимот и кога ќе бидат способни да дадат максимален придонес во натпреварите. Она што е загрижувачко е дека се ближи натпреварот на Металург со Спортинг Лисабон во рамките на Лигата на шампионите, што момците од Авткоманда го играат како гости, а кој на програмата е на 15 септември.

„Во хаос сум. Во тотално бунило. Повредени ми се голем број играчи. Во овој момент не знам кој кога ќе се врати во тимот и колку ќе може да даде придонес во играта. Повредите потполно ја пореметија работата и моментно сум со тешко бреме. Голема несигурност", вели Брестовац кој смета дека ротацијата е сериозно загрозена и не може да се најде соодветно решение да се пополнат позициите ако евентуално повредените направат подолга пауза.
„Навистина имаме млади талентирани играчи, но, не можам и не сакам да ги фрлам во оган во тешки натпревари затоа што тоа нема да влијае добро на нивниот развиток. Премлади се за такви предизвици и тешки мечеви", вели Брестовац.

Тој од вчера започна да ја подготвува тактиката за мечот со Спортинг од Лисабон, но и во тој поглед има проблем со составот на тимот кој е во моментов голема непозната.

„Веројатно во вторничкиот тренинг ќе имам појасна слика за тоа каква е состојбата на повредените тројца играчи, но во моментов се е нејасно. Се чувствувам крајно стресно, како што би се чувствувал и секој од тренерите и на поголеми тимови кога би му недостигале толку играчи во составот", вели стратегот.

 

Најново во Ракомет