Потврдено заминувањето на Финецот

Кими две години во Заубер, Леклер седнува во Ферари

Заубер и официјално потпиша 2-годишен договор со Раиконен. На местото на Финецот во болидот на Ферари седнува најмладиот пилот кој дошил во Маранело по 1961 година.

објавено: 11 септември 2018 - 14:40

Светскиот шампион во Формула 1 од 2007 година, Кими Раиконен, и официјално следната сезона се сели во тимот на Заубер. Веста ја потврдија и од Ферари, објавувајќи дека пак на местото на Финецот следната сезона за „црвените" ќе вози младиот Чарлс Леклер.

Договорот на Раиконен со Заубер ќе биде за две години, со што голема е веројатноста Кими да ја заврши кариерата во тимот, каде практично и ја започна.

Чарлс Леклер, кој оваа сезона дебитираше во Формула 1 следната сезона ќе стане најмладиот пилот кој седнал во болид на Ферари од 1961 година. Тогаш мексиканскиот пилот Рикардо Родригез првпат возеше за Ферари со 19 години и 208 дена.

„Потпишувањето на договорот со Кими Раиконен е важен столб за нашиот проект и нè приближува до целта за постигнување значителен напредок во блиска иднина. Несомнениот талент на Кими и неговото огромно искуство не само што ќе придонесат за развојот на нашиот болид, туку и ќе го забрзаат растот и развојот на тимот како целина. Заедно ќе ја започнеме сезоната 2019 со силна база и ќе одиме напред, со цел да се бориме за највисоки резултати", изјави првиот човек на Заубер, Фредерик Васер.

Најново во Авто-мото