ПРОБЛЕМОТ Е АДМИНИСТРАЦИСКИ, ШАМПИОНОТ НАСКОРО СО НОВО ИМЕ

СПИСОКОТ НЕ Е ЗАТВОРЕН: Вардар чека да се договорат Порто и Барса за последното засилување

Португалскиот клуб и каталонскиот гигант треба да се договорат кој ќе ги земе парите од обештетувањето за да може кружниот напаѓач да се појави во Скопје.

објавено: 26 јули 2018 - 18:00

Македонскиот првак Вардар ги започна подготовките за новата сезона, а во таборот на Роберто Парондо недостасуваа крилото Иван Чупиќ, голманот Даниел Ѓорѓески, кој се рехабилитира по операцијата на коленото, како и последното засилување на „црвено-црниот" табор – кружниот напаѓач Алексис Боргес.

Причината поради која вардарци ја одложуваат промоцијата на последниот ракометар во тимот од административни причини. Поточно Вардар е комплетно подготвен да го пречека Боргес, а неговото пристигнување во Скопје се одолговлекува бидејќи неговиот матичен клуб португалски Порто и каталонскиот гигант Барселона, во чии редови пикерот беше пуштен на позајмица ланската сезона не можат да се договорат кој да ги земе парите од обештетувањето.

Првите луѓе на клубот прават сериозни напори Алексис Боргес што побрзо да му се приклучи на тимот, со оглед на тоа дека за Парондо, кој го компонира новиот лик на екипата и тоа како важно е да ги има сите ракометари на располагање, особено сега во претсезонскиот период.

Дека ја чека последната алка во тимот потврди и стратегот.

„Ростерот не е затворен. Потребен ни е уште еден играч кој ќе ни помогне во одбраната на местото на Скубе. Сташ е добар играч, кој може многу да ни помогне во нападот, но останува да најдеме замена за него во одбраната. Управата работи на тоа и последниот играч да се приклучи во тимот. И со моменталниот состав имаме добар тим, но не сме подготвени за долга сезона, потребен ни е уште еден играч во ротацијата", дециден беше вардаровиот стратег Роберто Парондо.

Најново во Ракомет